11 системи за помош на возачот кои стануваат задолжителни за сите нови возила од 2021 година
Европската комисија објави пакет безбедносни системи кои ќе мора да ги поседуваат сите нови возила кои ќе се продаваат во земјите на ЕУ од 2021 година
Вкупно 11 безбедносни системи, наскоро ќе станат задолжителен дел од опремата на секое ново возило, а според проценките истите треба да зачуваат 7.300 животи и да спречат 38.900 сериозни повреди на патниците и другите учесници во сообраќајот, во периодот помеѓу 2020 и 2030 година.
Автономното сопирање во критични ситуации (AEB) треба да го намали бројот на несреќи предизвикани поради задоцнета реакција на возачот (вкупно 38%). Камерата која на возачот му дава слика на случувањата зад возилото, неодамна стана задолжителен дел од опремата на секое возило кое се продава во САД, а според проценките, оваа одлука треба да остави во живот 95 државјани на САД секоја наредна година.
Интелигентната асистенција на возачот во однос на брзината на возење, функционира на тој начин што спречува возење кое е побрзо во однос на поставената сообраќајна сигнализација, а која возилото ја отчитува во реално време и простор.
Се воведуваат и системи за снимање на важни податоци и информации при евентуална сообраќајна несреќа или нешто налик на решението во авионската индустрија. Возењето под дејство на алкохол треба да биде оневозможено на начин што возилото автоматски ќе спречи стартување на моторот, за лица за кои системот ќе детектира алкохол во здивот.
Ова се системите кои секој нов автомобил кој ќе се продава на територијата на Европската унија мора да ги поседува од 2021 година:
- Напредна верзија на автономно сопирање во критични ситуации
- Детекција на евентуална алкохолизираност на возачот
- Детекција на поспаност и несоодветна концентрација на возачот
- Автомобилска верзија на „црната кутија“ од авио индустријата
- Стоп светло за критични ситуации
- Унапредени безбедносни ремени и заштита на патниците по цела ширина на предниот дел од возилото
- Заштита на зоната на удар со глава за пешаците и велосипедистите, како и безбедносно стакло во случај на судир
- Интелигентна асистенција за возачот во однос на брзината
- Помош за одржување на сообраќајната лента
- Странична заштита на патниците
- Камера за возење наназад или сличен систем за детекција
Новите комби возила кои ќе се продаваат по 2021 година исто така ќе треба да ги поседуваат сите наведени системи, со исклучок на првата ставка.
Мора да се каже дека европското законодавство има клучна улога во подобрувањето на безбедноста на патиштата со текот на годините. Имено, веќе се донесени закони во врска со обврската да се користи системот на електронска контрола на стабилноста, Isofix приклучоци, почнувајќи од 2011 година. Седум години претходно, ABS системот стана неопходен дел од опремата на нови возила кои се продаваат во ЕУ.
Сите овие одредби се причина за бројот на загинатите на патиштата низ земјите на ЕУ да опадне за 43% во периодот од 2005 до 2015 година. Сепак, со оглед на тоа што стапката на опаѓање на бројот на жртви почнала да покажува знаци на слабеење од 2014 година, европското законодавство се одлучило да преземе понатамошни чекори. Новите прописи треба да го олеснат остварувањето на целите на безбедноста поставени од страна на проектот Vision Zero ЕУ, преку кој е изразена намерата за елиминирање на фаталните несреќи на европските патишта до 2050 година.
Иако купувачите на возила веројатно се загрижени дека овие прописи ќе резултираат со зголемување на цените на автомобилите, Европската комисија вели дека според нивната анализа истите „ќе имаат мало или никакво влијание врз продажната цена на новите возила“.
Објавувајќи ги новите мерки кои треба влезат во сила, од ЕУ велат дека „90% од сообраќајните незгоди се должат на човечка грешка. Новите регулативи треба да доведат до драстично намалување на бројот на несреќи, со што ќе се постават темелите за идните технологии за поврзување и автономно возење“.