10 најбрзи SUV модели во светот
Кросовер и SUV моделите се повеќе го освојуваат светот и очигледно инвазијата нема да го забави темпото. Денес, секој сегмент има и некоја верзија со зголемен клиренс
Приказната е слична и за сегментот со високи перформанси, така што семејните „тешкаши“ имаат изданија чии способности може да се споредат дури и со оние на суперавтомобилите. Во продолжение листата на најбрзи SUV модели според забрзувањето до 100 km\h.
10. Mercedes-AMG GLA 45 (4,4 секунди)
Платформата ја дели со таканаречениот „хот хеч“ A45. GLA 45 ги задржува високите перформанси со малку зголемен клиренс. Најновото зголемување на моќноста донесува вкупно 381 КС.
9. Mercedes-AMG GLE 63 S Coupe (4,2 секунди)
Воопшто не е изненадување што неколку AMG модели се наоѓаат на оваа листа. GLE 63 S Coupe е можеби контроверзен (барем според некои), но дефинитивно е многу посакуван со својот 5.5-литарски V8 biturbo …
8. BMW X6 M (4.2 секунди)
Уште еден од групата на „контроверзни“. X6 M за некои можеби не е олицетворение на автомобилска естетика, но дефинитивно е многу брз. Секој кој сака попрактична верзија секогаш може да се одлучи за X5 во М изведба.
7. Porsche Cayenne Turbo (4.1 секунди)
Macan Turbo за малку не е во првите десет, но затоа Cayenne Turbo е на солидното 7-мо место. Моделот располага со импресивни 550 КС, но и со нив неговите возни квалитети се на ниво на конвенционалниот модел.
6. Bentley Bentayga (4 секунди)
Првиот примерок е испорачан за кралицата Елизабета Втора. Дека нејзиното височество целосно ги користи оние 608 достапни коњски сили, тешко е да се поверува …
5. Brabus GLE Coupe 850 (3,8 секунди)
Кога Brabus ќе земе нешто во својата работилница, тогаш секогаш резултатот е монструозен. Под хаубата е стариот 6.0-литарски V8, а не некои од најновите AMG единици, што дефинитивно му дава повеќе шмек.
4. Alfa Romeo Stelvio Quadrifoglio (3,8 секунди)
Шампионот од Нирбургринг во класата на SUV модели не е најбрз кога станува збор за спринт до стотка, но дефинитивно тоа воопшто не му смета. Во Quadrifoglio издание, од 2.9-литарскиот битурбо V6 се извлечени 512 КС.
3. Lamborghi Urus (3,6 секунди)
Дали Lamborghini воопшто требаше да лансира SUV модел, многумина сеуште се прашуваат. Како и да е, со своите 650 КС, Urus е помоќен од Huracan.
2. Jeep Grand Cherokee Trackhawk (3,4 секунди)
Моќниот Jeep поседува 6.2-литарски V8 со 716 КС и може да забрза до 290 km/h. Што се однесува до забрзувањето до стотка, овој Jeep може да победи модел како McLaren 540C.
1. Tesla Model X (3,2 секунди)
И не е многу изненадувачки што најбрзиот SUV нема турбокомпресор и огромен V8 мотор. Се разбира, Tesla користи исклучиво електрична енергија, а во режимот Ludicrous може да збрише и некои суперавтомобили.