Германскиот премиум производител Audi објави дека во 2020 година ќе започне со производство на новиот e-Tron GT спортски седан како директен ривал на Tesla Model S

Ова ќе биде третиот Audi модел на електричен погон, а ќе се произведува во фабриката Белингер Хефе, која е отворена во 2014 година и каде во моментов се произведува суперавтомобилот R8.

E-Tron GT ќе биде новиот предводник во спортската гама на Audi и ќе дели платформа со електричниот седан Porsche Mission Е, кој ќе биде лансиран подоцна оваа година.

Audi на пазарот прво ќе исфрли e-tron SUV и тоа на крајот од оваа година, а почетната цена во Германија ќе изнесува околу 80.000 евра, што е нешто повеќе од неодамна преставениот електричен Jaguar i-Pace.

За споредба, почетната цена на SUV моделот на Tesla, Model X, во Германија изнесува 96.000 евра.

Германската компанија планира да лансира 20 електрифицирани модели до 2025 година, а повеќе од половина ќе бидат исклучиво на електрична енергија.

Меѓу нив е e-tron Sportback кој ќе се појави во 2019 година, а ќе биде склопуван како и e-tron SUV во Белгија. Во меѓувреме, Audi планира да лансира уште два електрични SUV модели.

Компанијата од Инголштат соопшти дека забележила рекорден раст на профитот од 57 отсто во 2017 година (4,7 милијарди евра), и покрај малото зголемување на продажбата од само 0,6 отсто во споредба со претходната година.