Практиката покажува дека камерите кои го снимаат возењето од возилото се многу корисни и може да ги поштедат возачите од многу сериозни проблеми

Снимката од камерата во возилото, најчесто е релевантен доказ за на суд, иако останува на судијата дали ќе ја прифати во конкретен случај или не.

Камерата во возилото може навистина да помогне, особено во случај на сообраќајна несреќа, во која, например, едно од возилата учесници во несреќата влегло во неа кога било забрането со сигнализација од семафорите, или пак во сообраќајни несреќи кога возилата се движат едно спроти друго и се случува челен судир, па лесно може да се види кое од возилата делумно или целосно ја напуштило лентата на движење.

Се на се, според многу искуства и пракси досега, камерата во возилото често се покажала како многу корисна, пред се поради тоа што се избегнуваат судски спорови во кои тешко се докажува нечија вина за несреќата.

Принципот на работа на овие камери генерално е многу едноставен. Обично се стартуваат од моментот кога ќе го вклучите моторот па се до 10 секунди по неговото исклучување, а снимките се чуваат во меморијата, и притоа најстариот запис се брише за да се сними нов. Во случај на потреба да се утврди што се случило, се вади или директно се прегледува мемориската картичка на која се снимките чиј број и должина се разбира зависи од нејзиниот капацитет.

Постојат многу различни видови на камери, од оние кои само снимаат до камери кои имаат GPS, кои се поврзуваат со сателит, ја мерат брзината на движење, дури и забрзувањето и забавувањето во критична ситуација.

Како и да е, добро размислите дали и понатаму да не поставувате камера или сепак ќе го сторите тоа, пред се поради ваша безбедност и осигурување. Засега законска обврска во нашата земја за такво нешто нема.