Зелено светло за производство на Porsche Cayenne Coupe
Првите луѓе на германскиот Porsche, следејќи го примерот со некои други модели на пазарот, конечно дадоа зелено светло за производство на поспортска верзија на SUV моделот Cayenne
Porsche Cayenne Coupe (можеби ќе има и друго име) би требало да има рестилизирана предница, како и нова „задница“ со нови светлосни единици, а инспирацијата веројатно ќе биде од Porsche Panamera. Покривот ќе биде „закосен“ се до задниот дел на автомобилот, а под него ќе се најдат мали тесни прозорци. Со таков дизајн, овој автомобил пазарно ќе се спротивстави на BMW X6, Mercedes-Benz GLE Coupe и Audi Q8.
Porsche во овој модел веројатно нема да вградува дизел агрегати, туку ќе се одлучи за twin-turbo V6 мотор од 2,9 литри, кој развива 434 коњски сили и 550 Nm вртежен момент. Постојат гласини дека ќе има twin-turbo 4-литарски V8 мотор кој развива 542 коњски сили и 700 Nm вртежен момент како во Panamera Turbo.
Се зборува и за можна нова хибридна верзија, која ќе има комбинација од 3-литарски V6 мотор, електричен мотор и литиум-јонска батерија со капацитет од 14,1 kWh. Излезната моќност треба да биде 455 „коњи“ со 700 Nm вртежен момент испратени до сите тркала.
Производството на овој модел најверојатно ќе биде во фабриката во Лајпциг, каде што се произведува стандардниот Cayenne. Ако се оди според планот, Porsche официјалната најава за новиот модел би можела да следи во наредните недели.
Воедно се шпекулира и за можно производство на Macan Coupe кој би се натпреварувал со модели како BMW X4 и Mercedes-Benz GLC Coupe.