Mercedes најави специјална Final Edition серија за двоседот SLC чие производство запира во текот на 2019 година

Компактниот родстер SLC е лансиран во 1996 година под името SLK, а две децении подоцна, кога Mercedes ја претстави новата номенклатура, освен што автомобилот беше редизајниран, доби и ново име.

Сегашната, трета генерација, лансирана во 2011 година, оваа година заминува во „пензија“, а германскиот производител за сега нема планови за наследник.

Досега, за време на 20-години производство, се продадени над 710.000 примероци. Како за крај, Mercedes од модекот се простува со специјално Final Edition издание.

Оваа верзија ќе биде достапна во неколку верзии на моторот и ќе има специјални декоративни детали и карактеристики, како ексклузивни 18-инчни алуминиумски тркала.

Автомобилот стилски е базиран на AMG Line варијантата, па затоа е опремен со спортски браници и спортски подесена суспензија, а ќе се испорачува и со моќни сопирачки.

Во салонот доминира луксузна Nappa кожа со која се тапацирани спортските седишта, а некои елементи, како на пример воланот се покриени со кожен материјал со текстура на јаглеродни влакна.

Тука се и неизоставните декоративни детали изработени од алуминиум, AIRSCARF системот за загревање во висина на вратата, како и специјалната боја на каросеријата – Yellowstone, посветена на оригиналниот Mercedes SLK од 1996 година.

Купувачите во Европа ќе можат да избираат помеѓу четири погонски опции. Mercedes SLC 180 Final Edition под хаубата крие 4-цилиндерски 1.6-литарски турбо бензински мотор со 156 КС (115 kW) и 250 Nm. Малку помоќниот SLC 200 располага со 2.0-литарски мотор со 184 КС (135 KW) и 300 Nm. Истиот мотор со 4-цилиндри, но со 244 КС (180 kW) и 370 Nm е достапен и во Mercedes SLC 300, додека врв во понудата е AMG варијантата SLC 43 со твин-турбо 3.0 V6 мотор со 390 КС (287 kW) и 520 Nm.

Првите испораки до клиентите се планирани за март, а цените во Германија се движат од 41.536 евра за SLC 180 до 65.045 евра за SLC 43 AMG.