Збогум за Porsche 991 – произведен последниот 911 Speedster / ФОТО
Иако генерацијата 992 на Porsche 911 дебитираше уште пред една година, некои верзии од претходната генерација сè уште се произведуваа
Toa сега е завршено, бидејќи од фабричките ленти е симната последната 911-ка со фабрички код „991“. Станува збор за атрактивниот Porsche 911 Speedster.
Овој автомобил беше претставен претходно оваа година, а направени се само 1.948 возила, во чест на првиот производствен модел на компанијата – Porsche 346, од 1948 година. Срцето на Speedster e 4.0-литарски 6-цилиндeрски боксер мотор, кој развива 508 КС, a чија моќност на 20-инчните тркала се пренесува преку шестстепен мануелен менувач.
Генерацијата 991 се смета за најуспешна во историјата на 911. Во рамките на оваа генерација, германскиот производител има лансирано најголем број на специјални верзии досега, од GT2 и GT3 RS, преку ексклузивната серија 911 R и Turbo S, па сè до гореспоменатиот Speedster.
Генерацијата 991 е исто така и најпродаваната 911-ка на сите времиња, со 233.540 испорачани возила до клиентите од лансирањето во 2011 година.
Во периодот на производство (2011-2019) одбележани се и неколку значајни годишнини, како што се 50-тиот роденден на Porsche 911 (2013) или 70-тиот роденден на Porsche (2017). Исто така, милионитиот примерок од 911 припаѓа на генерацијата 991.
Покрај тоа, Porsche 911 GT2 RS е најмоќната „цивилна“ 911-ка во историјата на овој легендарен модел.