Целта на компанијата е масовно производство на ова синтетичко гориво од 2027 година, кога се очекува да чини 3,40 евра за литар – и понатаму прескапо.

Ако просечната цена од 1,33 евра за бензинот денес или 1,47 евра за дизелот изгледа скапа, тогаш што да се каже за првото синтетичко гориво кое штотуку започна да се продава и тоа по цена од дури 2.800 евра за литар.

За синтетичките горива е многу пишувано, решение на кое некои производители работат за да продолжат да произведуваат автомобили со мотори со внатрешно согорување и по 2035 година, датумот наметнат од Европската унија за производство и продажба исклучително на електрични автомобили.

Еден од брендовите кои најмногу се вклучени во развојот на е-гориво е Porsche. Имено, неодамна германскиот бренд официјално ја отвори својата фабрика за синтетичко гориво во Чиле, во Пунта Аренас. Овие синтетички горива, направени од вода и јаглерод диоксид со помош на енергијата на ветерот, овозможуваат C02 неутрална работа на моторите со внатрешно согорување.

Сепак, првата компанија во светот која пласираше синтетичко гориво не е Porsche, туку Zero Petroleum, компанија промовирана од Педи Лоу, инженер вклучен во техничкото управување со McLaren и Williams во Formula 1. Оваа компанија развила јаглеродно неутрално гориво кое во текот на производствениот процес го фаќа јаглеродот од воздухот во количини поголеми од неговите емисии.

Ова е-гориво може да се користи и кај бензински и дизел мотори без потреба од адаптација. Има само еден „мал“ проблем. Ова синтетичко гориво чини 2.800 евра за литар. Компанијата веќе го продава своето е-гориво во Европа во лименки од 20 литри по цена од 56.600 евра.

Сепак, компанијата има за цел масовно да го произведува ова синтетичко гориво од 2027 година, кога се очекува да чини 3,40 евра за литар, цена која сепак е многу поскапа од сегашната цена на бензинот и дизелот.