Залихите на нови автомобили во Германија се повеќе растат – купувачите претпазливи
Според податоците на здруженијата на германската автомобилска индустрија (VDA и ZDK), на најголемиот европски пазар на автомобили има огромен број на возила „на залиха“. Дали постои ризик од колапс?
Кризата предизвикана од вирусот СОВИД-19 има големо влијание врз европската автомобилска индустрија и пазарот на автомобили. Продажбата на нови возила во Европа во март и април забележа катастрофални бројки. Кризата влијаеше и на најголемиот пазар на автомобили во Европа – Германија, каде продажбата се намалила за 61,1% во април и за 37,7% во март. Во првиот квартал од тековната година, продажбата во Германија се намалила за 20,3%. Проблемот е во тоа што релаксирањето од анти-пандемиските мерки нема автоматски да значи раст на продажбата. Економската неизвесност е голема, така што поголемиот дел од населението ќе го одложи купувањето на нов автомобил за некои „подобри времиња“.
ZDK (Deutsches Kraftfahrzeuggewerbe) објави дека германските дилери на нови автомобили во моментов имаат автомобили на залиха во вредност од 14,8 милијарди евра! Салоните и магацините за автомобили се полни, а нема доволно клиенти. Оваа состојба може да влијае на банкрот на некои дилери на автомобили, но и да предизвика криза во производството на автомобили. Затоа асоцијациите на автомобилската индустрија апелираат дека е потребна државна помош за набавка на нови автомобили, но не само електрични, туку и оние со мотори со внатрешно согорување кои исполнуваат високи еколошки стандарди.
Според списанието Automobilwoche, државата ќе поддржи форма на субвенција за клиенти, со 4.000 евра за набавка на електрични возила и 3.000 евра за набавка на возила со конвенционален погон. За електричните и хибридните возила, ова може да биде дополнителен бонус, кој ќе го зголеми веќе постоечкиот бонус. Овие мерки би можеле да го забрзаат празнењето на залихите, а со тоа и да се забрза придвижувањето на производните линии.