Возачите под дејство на дроги сочинуваат повеќе од 35% од вкупниот број возачи под дејство на опасни материи за време на викендите

Операцијата на европските сообраќајни полиции (ROADPOL) се одвивала од 16 до 22 јуни оваа година со посебен акцент на контрола за употреба на дрога и алкохол. Издвоен е и посебен сегмент, од сабота до недела, од 19 до 20 јуни, кога била извршена 24-часовна контрола на сообраќајот. За време на тој маратон, тестирани се околу 160.009 возачи во 14 земји учеснички: 3.304 возачи биле под дејство на алкохол, а 2.107 под дејство на дрога. Возачите под дејство на дрога за време на викендот сочинуваат повеќе од 35% од вкупниот број возачи под дејство на опасни материи и овој процент е зголемен во споредба со претходни слични контроли. Од 16 до 22 јуни за време на целонеделната инспекција биле проверени вкупно 462.459 возачи: 12.250 под дејство на алкохол и 2.150 под дејство на дрога. На мета биле и возачите на други превозни средства, а во заедничкото соопштение на европската полиција конкретно се споменува 39-годишен велосипедист кого хрватската полиција го фатила со концентрација на алкохол од 4,11 грама во килограм крв.

Различни студии откриваат дека за време на „заклучувањата“ поради пандемијата, потрошувачката на дрога и алкохол значително се зголемила.

„Поради панемијата со корона вирусот, повеќе луѓе возат под дејство на дрога и алкохол, а ризикот од сериозни несреќи расте“, коментира Вилфрид Сут, директор на Securetec, баварска компанија која произведува DrugWipe® брзи тестови за дрога, а кои во моментов се користат во повеќе од 30 земји на сите континенти.

Откривањето на возачите кои возат под дејство на дрога е минимално. Во Франција, во просек е помалку од 200 на ден, а се проценува дека има околу 900.000 корисници на марихуана на дневна основа, а да не зборуваме за потешки дроги.