Благодарение на растот на продажбата од повеќе од 40% во првата половина од оваа година, Европа стигна до бројка од еден милион електрични автомобили

Европа во овој сегмент каска за една година зад Кина, која сеуште е многу поголем пазар, но е пред САД. Американците еден милион EV возила треба да достигнат до крајот на годината, откако Tesla го зголеми производството на Model 3.

Од јануари до јуни во земјите на Европската унија, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, се продадени 195.000 plug-in возила, што претставува зголемување од 42% во споредба со истиот период од 2017 година. Со продолжување на овој раст, се очекува дека во Европа до крајот на годината ќе има околу 1,35 милиони EV возила.

Лидер сеуште е Норвешка со 36.500 продадени возила што е удел од 37% од продажбата оваа година на Стариот континент. Норвешка е лидер во овој сегмент главно благодарение на огромните државни стимулации и олеснувања.

Мора да се нагласи дека EV сегментот забрзано расте и на најголемиот пазар на автомобили во Европа односно Германија, па до крајот на годината може да се случи и да ја претекне Норвешка по бројот на продадени електрични возила.

Меѓу земјите во кои продажбата на EV има најголем раст се Норвешка и Данска.