„Заборавете на пристапни цени за нов автомобил, тие времиња поминаа …“, велат експертите
И покрај тоа што производството на автомобили треба да расте во втората половина од годинава, индустријата нема да се врати на старото
Купувачите кои се надеваат дека ќе набават ново возило по нормални цени по пандемијата со коронавирус, барем според извршниот директор на американската компанија AutoNation, Мајк Менли, многу грешат.
За време на пандемијата и поради недостигот на автомобилски чипови и други проблеми во синџирот на снабдување, производителите и дилерите на автомобили можеа да ги продаваат возилата по повисоки цени. Сепак, и покрај тоа што производството на автомобили треба да расте во втората половина од годината, Менли смета дека индустријата нема да се врати на старото.
„Нема да се вратиме на премногу високи нивоа на залихи кои ги намалуваат маржите на новите возила. Значителните намалувања на цената и високите стимулации исто така може да му наштетат на брендот, што е уште една причина нашата индустрија правилно да ја балансира понудата и побарувачката“, вели Менли.
Од Fortune забележуваат дека Ford и General Motors имаат намера да го намалат производството дури и кога ќе исчезне проблемот врзан со автомобилските чипови. Тоа ќе биде нивен обид да ги намалат залихите на продажните места кои претходно поттикнуваа попусти. Ова ќе им овозможи на производителите на автомобили да одржуваат повисоки профитни маржи.
Истражувањето спроведено од Edmunds во САД покажало дека 82,2 отсто од потрошувачите платиле повеќе од просечната цена за нивното ново возило во јануари оваа година. Ова е драматична промена споредено со 2021 година кога само 2,8 отсто од потрошувачите платиле повеќе.