За 333 најбрзи: Aston Martin го претстави најбрзиот и најмоќниот Vantage досега со 700 КС и 753 Nm
Бројките за моќност и вртежен момент се само дел од приказната: V12 Vantage е олеснет за да постигне сооднос моќност-тежина од 390 КС по тон
Aston Martin го испраќа V12 Vantage „во пензија“, но со стил, бидејќи претстави целосно нов модел во ограничена серија, кој е најбрзиот и најмоќниот Vantage некогаш создаден. Почнувајќи од моторот, британското купе добива 5.2-литарски твин турбо V12 кој произведува 700 КС (515 kW) и 753 Nm вртежен момент. Тоа е 190 КС (140 kW) и 68 Nm повеќе од V8 Vantage, а дополнителната моќност му овозможува на моделот да спринта до стотка за 3,4 секунди, на пат до максимална брзина од 322 km/h. Овие бројки се само дел од приказната бидејќи V12 Vantage добил низа мерки за заштеда на тежина за да постигне сооднос на моќност и тежина од 390 КС по тон, што претставува зголемување од 20 отсто во однос на стандардниот модел.
За да се постигне тој број, автомобилот е опремен со голем број компоненти од јаглеродни влакна, вклучувајќи ја хаубата, предниот браник и страничните прагови. Тие се споени со композитен заден браник и заден капак и централно поставен двоен издувен систем кој е изработен од нерѓосувачки челик, што му овозможува да тежи 7,2 килограми помалку од издувниот систем на стандарден Vantage.
Додека претходните верзии на V12 Vantage беа опремени со рачен менувач, најновиот член на семејството доаѓа со осум-брзински автоматски менувач од V12 Speedster и Vantage F1 Edition. Иако автоматиката веројатно ќе разочара некои фанови, Aston Martin наведува дека „новиот менувач има уникатна калибрација што ја подобрува реакцијата и интеракцијата со возачот“. Според компанијата менувачот ветува вистинска брзина во вистинско време, а притоа е порафиниран од менувачот со двојна спојка.
Промените на суспензијата вклучуваат поцврсти пружини чии стапки се зголемуваат за 50% напред и 40% назад. Ним им се придружуваат нови шипки против превртување кои се 5% поцврсти напред и 41% помеки назад.
Крутоста на каросеријата е зголемена за 8%, додека страничната крутост е зголемена за 6,7%, благодарение на додавањето дополнителни плочи на држачот за задната суспензија и држачите за резервоарот за гориво. Други карактеристики вклучуваат диференцијал со ограничено пролизгување и калибриран систем за управување кој нуди зголемено чувство и одзив.
Инженерите V12 Vantage го опремиле со карбон-керамички систем за сопирање кој заштедува 23 килограми тежина и е отпорен до 800 степени. Системот располага со челусти со шест клипови за предни дискови од 410 mm, додека задните челусти со четири клипови се закачуваат за помали дискови од 360 mm.
Дизајнот јасно покажува дека ова не е стандарден модел, бидејќи новиот V12 Vantage добива 25% поголема решетка за подобро ладење. Тука е и широкиот бодикит и големото задно крило кое придонесува за потисок од 204 kg при максимална брзина. Иако крилото е функционално, Aston Martin ќе им овозможи на клиентите да се откажат од него за посуптилен изглед. Лаците на тркалата се надополнети со 21-инчни тркала во црна завршница. Клиентите можат да изберат и лесни бандажи кои заштедуваат 8 килограми тежина.
Кабината останала во голема мера иста, со нови V12 ознаки на централната конзола, како и Sports Plus полуанилински кожни седишта со греење и прилагодување во 16 насоки. Ќе бидат достапни низа опции, вклучувајќи најсовремен аудио систем, облоги од јаглеродни влакна и седишта од истиот материјал и шестнасочно рачно прилагодување. Клиентите исто така можат да изберат лесен материјал на воланот, облогите и некои детали во боја.
„Со толку многу комбинации на дизајн на располагање, не би било изненадување ако нема два исти автомобили“, велат од Aston Martin.
Производството ќе биде ограничено на 333 единици на глобално ниво, но компанијата забележува „невидена побарувачка“ откако автомобилот беше официјално најавен во декември минатата година.
Извршниот директор на Aston Martin, Тобијас Моерс, истакнува дека „секоја голема марка за спортски автомобили има свој херој“, а за Aston Martin тоа е V12 Vantage.
„Сега е време да се стави крај на оваа крвна линија, убедливо најспектакуларниот пример досега“.