
WLTP придонесува за зголемување на продажбата, но не и на приходите
На прашање во врска со влијанието на WLTP на европскиот пазар, одговорот е: регистрациите во август се зголемени, во помала мера и во јули, додека производителите забрзано работеа брзо да го решат проблемот со несертифицираните возила до 1 септември
Во август, бројот на ново регистрирани возила во Шпанија се зголемил за 49 отсто, 40 отсто во Франција, 25 отсто во Германија, 23 отсто во Велика Британија, 9,3 отсто во Италија (во текот на годината генерално има пад) и 53 проценти во Белгија.
Во август, вообичаено има пониска продажба, но без оглед на тоа, сезонската корегирана стапка на продажба (SAAR), пораснала за неверојатни 18,4 милиони единици во август од претходните (одлични) 14,7 милиони во јули.
Продажните бројки се благодарение на комбинација од значајните попусти како за приватните корисници така и за флотната продажба, и на нешто што IHS Markit го нарекува „тактички регистрации“, што значи дека продавачите и производителите регистрираат возила за да се справат со крајните рокови. И покрај тоа што треба да се очекува производителите да го слават ваквиот пораст на продажбата, вистинската состојба е таа што голем број автомобили се продадени со минимална или без заработка.
„WLTP ефектот“ е особено видлив во Шпанија, каде што, според аналитичарите на IHS Markit, бројот на флотни регистрации скокнал за 86 отсто, а оној во рамките на rent-a-car флота 82 проценти. На регистрации на продавачи се однесуваат 20.000 возила, што е само малку под 20 проценти во споредба со вкупната месечна продажба.
WLTP, како што е познато, стапи на сила на 1 септември 2017 година за нови модели, а на 1 септември 2018 година за постоечките модели. Причината за воведување на новата процедура е да се изедначат резултатите од тестирање со резултатите од реалниот сообраќај. Многу компании имаат потешкотии да добијат лиценци за сите модели и нивните варијанти, бидејќи WLTP тестирањето бара многу повеќе време во однос на NEDC процедурата.
Во август продажбата на автомобили во Европа е на пат да се зголеми за 4,8 отсто. Сепак, тоа тешко дека ќе се материјализира поради голем број причини, велат аналитичарите. Под еден, големите попусти во текот на јули и август, како и субвенциите, привлекле голем број на клиенти на продажните места, кои инаку би го чекале септември кога ќе се појават нови модели. Покрај тоа, оваа есен ќе има многу преговори меѓу купувачите и продавачите, каде што во центарот на внимание ќе биде купувањето на претходно регистрирани примероци.
„Случувањата во август најверојатно ќе донесат и малку пониски перформанси на некои пазари во наредните месеци, особено ако потрошувачите се заинтересирани за некој примерок кој припаѓа на претходно регистриран лагер“, вели Јан Флечер од IHS. IHS Markit предвидува дека оваа година, продажбата на автомобили на европскиот пазар ќе има пораст од само 1,1 отсто, со нагласок дека забавувањето ќе продолжи и во 2019 година. Уште една добро позната компанија за истражување, LMC Automotive, очекува раст од само 1,5 проценти.
Нејасно оданочување врз основа на емисиите на издувни гасови
Следното прашање е како околу дваесет европски земји, кои ќе воведат оданочување врз основа на емисиите на издувни гасови, ќе ги сметаат резултатите добиени од WLTP тестовите. Проценките на ЕУ и аналитичарите укажуваат на тоа дека емисиите на јаглероден диоксид во просек ќе се зголемат за околу 10 проценти, иако всушност количините на штетни гасови нема да се зголемат. Причината е во тоа што оданочувањето ќе продолжи да биде врз основа на бројките од NEDC, кои мора да се „поврзат“ со WLTP резултатите за постари модели, а бројките од „поврзаните“ резултатите се повисоки во споредба со оние од „чист“ NEDC.
Европската унија објави дека новите стандарди за емисии ќе бидат неутрални во однос на приходите, но многу земји не објасниуваат како ќе ја прилагодат скалата на оданочување за да го постигнат ова. За сега, Германија и Финска објавија дека резултатите од WLTP ќе се користат за оданочување почнувајќи од 1 септември, а Финска ќе се обиде да избегне какво било зголемување со прилагодување на образецот за оданолување. Влијанието ќе биде занемарливо во Германија, каде што „данокот на јаглерод“ е 2 евра за грам во случај емисијата да изнесува над 95 g/km.
Сепак, неодамнешна студија на Autovista открива дека данокот во Франција може да се зголеми за неколку илјади евра за автомобили од средната класа и погоре, ако се користат WLTP резултатите. Доколку се земе предвид оваа доза на неизвесност, индикативен е минато неделниот извештај на тв мрежата BFM, која соопшти дека француските производители одлучиле да регистрираат сè што се движи во август.
Ако се погледне понапред, крајниот рок за воведување на WLTP во сегментот на лесни комерцијални возила е 1 септември, 2019. Се претпоставува дека производителите ќе извлечат поука од оваа година, како и дека веќе работат на сертификација на нови и постоечки модели, значително пред истекот на рокот.