Водата е важен пријател при возење, особено кога е подолгo и по многу топло време

Познато е каков ефект има алкохолот врз когнитивните функции. Исто така е познато до кој степен е опасно, глупаво и неодговорно да се вози автомобил под дејство на алкохол. Се разбира, оваа „практика“ е санкционирана со закон низ целиот свет. Сепак, не е незаконски да се вози кога сте жедни, а според новите истражувања, можеби и треба.

Имено, веќе има научна потврда дека возењето во дехидрирана состојба може да биде и опасно. Треба да пиеме два литра вода на ден, но статистичките податоци велат дека луѓето пијат значително помалку во просек.

Дури и лесната дехидратација предизвикува доволно губење на менталниот фокус, што може да резултира со бројни грешки зад воланот. Во предметната студија учествувале 11 возрасни мажи. Тие учествувале на три возачки сесии на симулатор, при што првата се користела за да се запознаат со поставката. Останатите две симулации биле двочасовно возење, едно додека возачите биле „хидрирани“, а другото додека биле жедни. Сензорите ја следат мозочната активност додека камерите го следат возачот. Инцидентите поради замор биле исклучени од студијата.

Резултатите покажале дека возачите во состојба на дехидрираност се повеќе склони кон мали грешки, како излегување од коловозот и доцна кочење, а нивната фреквенција е слична како кај возачите под дејство на алкохол. Сепак, треба да се нагласи дека мал примерок на истражување може да биде ограничувачки фактор за донесување на конечни заклучоци. Исто така, студијата открила зголемување на бројот на мали грешки дури и кај добро хидрираните возачи како што напредувала симулацијата, иако фреквенцијата била многу помала во споредба со таа кај дехидрираните возачи. Она што е интересно е дека еден учесник морал да биде исклучен од студијата, бидејќи тој постојано заспивал за време на сесијата.

Во суштина, познато е дека недоволното внесување течности може да влијае на когнитивните функции, брзината на размислување, расположението и здравјето. Дали е фер да се изедначи возењето во дехидрирана и алкохолизирана состојба? Заклучокот донесете го сами.