Дел од анкетираните велат дека никогаш нема да и веруваат на технологијата за автономно возење

Истражувачката куќа Strategy Analytics спровела истражување во САД, Европа и Кина за да дознае што мислат возачите за автономните карактеристики на возилата, и за оние кои се веќе достапни во возилата, но и за оние кои допрва ќе станат достапни. Добиените резултати, во најмала рака, се многу интересни.

Имено, добар дел од анкетираните (претежно постари генерации и жени) сакаат целосно да избегнат било каква можност за автономно возење, бидејќи сè уште не веруваат дека технологијата е доволно развиена и безбедна. Особено е интересно што добар дел од испитаниците истакнуваат дека никогаш нема да и веруваат на технологијата за автономно возење.

Од Strategy Analytics истакнуваат дека овие резултати покажуваат колку автономниот начин на возење се уште е непознат за просечните луѓе. Затоа, ги советуваат компаниите кои произведуваат автономни возила посебно внимание да посветат на корисничкиот интерфејс и пораките кои возилото ги испраќа до патниците да бидат јасни, концизни и контекстуални.

Предупредуваат и дека голем број на возачи во САД и Европа активно го избегнуваат користењето на автономните возни карактеристики како и автоматизираното паркирање, кои се достапни.

На крајот, од Strategy Analytics заклучуваат дека е неопходно да се зголеми довербата на возачот или на корисникот во можноста за автономно возење.

Ова може да биде посебен предизвик во однос на проблемите и сообраќајните несреќи предизвикани од автомобили во кои била активирана технологијата за автономно возење.