Групацијата Volkswagen предупреди дека амбициозната транзиција кон електрифицирани верзии на сите модели ќе ја чини компанијата многу повеќе од првично проценетото, што ќе го присили германскиот производител и понатаму да ја продлабочува програмата за штедење за да ги балансира големите трошоци, пишува Bloomberg

Првичните процени за трошоците за електрификација во Volkswagen беа 20 милијарди евра. Сепак, шефот на конгломератот, Херберт Дис вели дека тоа нема да биде доволно, но јавно не кажува за која сума станува збор. Според него, компанијата треба да ги намали трошоците за да може да инвестира во идните технологии.

Групата има намера да лансира 80 нови електрични модели во рамките на брендовите Volkswagen, Audi, Porsche, Škoda и Seat, до 2025 година, но и да понуди електрифицирани верзии за секој од 300-те модели на групата до 2030 година.

Товарот на грбот кој го носи нашата компанија, како што се трошоците за донесување на електричните возила на пазарот, ќе биде многу потежок отколку што очекувавме“, вели Дис во заедничко интервју со лидерот на синдикатот, Бернд Остерлум во интерниот билтен на Volkswagen. „Ова е важно бидејќи нашите ривали постигнаа поголем напредок“.

Рекордните трошоци за развој на електричните автомобили и потребата за усогласување со построгите регулативи во однос на емисиите, во голема мера ги притискаат производителите. Daimler Mercedes го претстави EQC, првиот засебен електричен сериски модел на марката, а од компанијата велат дека издатоците за гама од 10 целосно електрични автомобили до 2022 година ќе биде поголем од првичната проценка од 10 милијарди евра.

Од постигнувањето на договорот со работната сила во 2016 година, VW групата почна да профитира од реорганизацијата на 12 автомобилски брендови. Компанијата ја зголеми профитабилноста во матичниот бренд, кој ја зголеми својата добивка за повеќе од една третина, од 1,8 на 4,1 отсто минатата година.

Потребен ни е поголем профит за да ја финансираме нашата иднина“, вели Дис. „Четири проценти е минимално, пет до шест проценти овозможува некои идни инвестиции, а со седум до осум проценти сме подготвени дури и за справување со било каква криза.”

Од Volkswagen нагласуваат дека целниот оперативен профит на групата е осум отсто од продажбата до 2025 година, што соодветствува со порастот од 7,4 отсто минатата година. Што се однесува до Volkswagen како бренд, во истиот период целната бројка е шест отсто.

Volkswagen е можеби амбициозен, кога се во прашање целите на компанијата“, вели Арнд Елингхорст, аналитичар во Evercore ISI. „Ние веќе одамна повикувавме на тоа VW да постави повисоки амбиции за матичната компанија“.