Медиумската групацијата „Клип медија“, односно интернет порталите кои се дел од групацијата, во периодот од 24-26 февруари 2020 година спроведоа анкета чија цел беше да им дадат шанса на своите читатели да го кажат своето мислење и да изберат Автомобил и SUV за 2020 година.

Што покажаа резултатите?

На читателите им беше понуден избор од по десет модели во две категории (Автомобил на годината и SUV/Crossover на година), кои беа претставени во текот на 2019 година и за кои редакциите сметаа дека треба да се најдат во изборот.

Кога станува збор за стандардните миленици на четири тркала, изборот на победникот воопшто не зачудува и во ниеден момент не беше доведен во прашање. Новиот Volkswagen Golf од осма генерација е убедливиот победник со 994 гласа од вкупно 3613 кои ја искористиле шансата да го кажат своето мислење. Како што немаше неизвесност околу победникот, така немаше неизвесност и за „вицешампионот“. Со 571 глас на второ место е BMW Серија 1, додека со 28 гласа пред новиот Peugeot 208, на третата позиција е последната генерација на Mazda3.

Новата осма генерација на Volkswagen Golf официјално беше претставена во последниот квартал од минатата година, а од пред неколку денови е достапна и за македонските купувачи преку понудата на Порше Македонија.

Кај автомобилите со повисока позиција на седење односно SUV/Crossover моделите, победникот беше неизвесен до последен момент. Победата со само 11 гласа повеќе ја однесе новиот Mercedes GLB (617 гласа) пред Range Rover Evoque (606 гласа). Со нешто помалку гласови или 574, на третата позиција е новата петта генерација на Toyota RAV4.