Во иднина ќе се возиме на гуми од глуварче
Компанијата Continental во Германија отвори нова истражувачка лабораторија за производство на автомобилски гуми од глуварче
Лабораторијата во Анклам, на североистокот од Германија (Taraxagum Lab Anklam), се наоѓа во зграда со површина од 30.000 квадратни метри, а ќе биде центар за производство на автомобилски гуми добиени од руско глуварче.
Во случај на позитивни резултати, се планира во следните десет години овој сиров материјал да се внесе во сериско производство. Целта на ова истражување е да се најде алтернатива на досегашниот извор – дрвја од тропските шуми.
Во развојниот период, околу 20 вработени со знаење од земјоделски науки, хемија и производни и процесни технологии, ќе работат на одгледување на растението, како и на развој, инсталација и управување со машини за производство на руското глуварче на нова локација.
„Ние сме многу горди на овој проект. Continental е првиот производител на гуми во светот, кој се одлучи на вака голема инвестиција во индустријата на гуми од глуварче. Ова растение го гледаме како важна алтернатива, која е комплементарна на стандардниот природен каучук. Тоа ќе ни овозможи да ја задоволиме растечката глобална побарувачка за гуми произведени на еколошки и сигурен начин“, вели Николај Сетзер, член на извршниот одбор на Continental и шеф на одделот за производство на гуми.
Continental своите први планови за лабораторијата ги претстави уште во август 2016 година. Следната година, во ноември започна изградбата на центарот во Анклам.
Инаку, првиот примерок од премиум зимски гуми со газен слој направен од глуварче, на патиштата се најде уште во 2014 година.