Незадоволството на работниците во автомобилскиот сектор добива огромни размери, па луѓето веќе не се двоумат тоа и да го изразат 

Главниот и најголемиот синдикат во Европа и Германија, IG Metall, ги повикува властите да обезбедат колосални инвестиции за да се избегне губење работни места во Германија. Нивната проценка е дека 500 милијарди евра би довеле до значително подобра состојба во индустријата.

Вестите од германската страна на Рајна не изгледаат многу ветувачки, во однос на стапките на раст како во изминатите децении. Загриженоста е иницирана од брзото влегување на секторот, во таканаречената еколошка транзиција што доведува до масовна редистрибуција на моќта во самата индустрија, и каде што традиционалните односи меѓу производителите на компоненти и опрема и оние што самите склопуваат автомобили се нарушени.

Стотици вработени во Mahle, еден од најголемите германски производители на опрема, демонстрираа поради растечкиот тренд на преместување на деловните активности на компанијата во источноевропските земји, каде што има се повеќе германски производители кои изградија фабрики за производство на автомобили.

На глобално ниво, работниците и раководството на големите компании од Европската унија се загрижени, а сето тоа поради забрзаната транзиција кон електричен погон. Добавувачот на BMW, Alfa Romeo и JLR за менувачи, германскиот ZF објаснува дека побарувачката за преносни единици ќе остане силна до 2025 година, додека потоа тешко може да се предвиди нешто со сигурност. Сепак, стравот е голем кај луѓето, а се заснова на незнаење и потенцијално губење место во синџирот на снабдување.

Тековната криза на пазарот на полупроводници не е единствената причина за намалениот број возила произведени во Германија во последните неколку години. Во прашање се и структурни причини кои доаѓаат од индустријата полна со инерција, и која не можеше да предвиди дека ќе има премин кон електричен погон, што дополнително доведува до потреба од реорганизација на десетици фабрики, бидејќи како што стојат работите сега, се исто така зависни од судбината на моторите со внатрешно согорување.

Токму затоа, најголемиот европски синдикат во автомобилската индустрија, IG Metall, побарал од германската федерална влада да обезбеди огромна инвестиција од 500 милијарди евра. 

„Тие пари ќе треба да се инвестираат до 2030 година, за да се обезбеди инфраструктура и пробив на идни технологии“, вели еден од синдикалните претставници.