Речиси 116.000 луѓе аплицирале повеќе пати за државниот бонус во 2022 година

Повеќе од 115.000 Германци неколку пати го искористиле еколошкиот бонус за електричните автомобили, а со тоа државата изгубила милиони евра од даноци, покажуваат податоците на Федералната канцеларија за економски прашања и контрола на извозот.

Според информациите, за таканаречениот еколошки бонус неколкупати во 2022 година се пријавиле 115.376 лица. Грантот го побарале вкупно 472.282 граѓани и фирми, што значи дека секој четврти земал субвенции за два или повеќе автомобили. Се претпоставува дека причината за ова е препродавање на истите во странство за профит.

Во 2016 година, Германија воведе шема за субвенционирање дизајнирана да ги направи овие автомобили подостапни за обичните луѓе. И оттогаш има потрошено најмалку 4,6 милијарди евра за грантови.

„Фактот дека приватните клиенти купуваат два или повеќе нови автомобили во рок од една година е повеќе од исклучок“, вели Стефан Брацел, шеф на Центарот за управување со автомобили, за Welt am Sonntag. „Меѓу приближно 116.000 купувачи, сигурно има и такви кои би го користеле автомобилот за препродажба во странство.

Автомобилскиот експерт ги проценува даночните пари што државата ги изгубила во 2022 година на 380 милиони евра, но вели дека сумата најверојатно ќе биде поголема.

Портпаролката на Сојузното Министерство за економија вели дека повеќекратните барања за еколошки бонус не дозволуваат да се извлечат заклучоци за тоа  „дали субвенционираните возила се препродадени по минималниот период за нивно поседување“.

Од 1 јануари 2023 година важат нови правила за еколошки бонус и минималниот период на задржување на електричните автомобили по купувањето е двојно зголемен – една година. Државниот дел од субвенцијата е намален на максимум 4.500 евра и целосно укинат за plug-in хибридите.