Италијанската Lancia моментално во своето портфолио има само еден модел (Ypsilon кој е достапен во Италија), но тоа ќе се промени бидејќи Stellantis има големи планови за овој бренд.

Automotive News Europe пишува дека Lancia во наредните години ќе претстави три целосно нови модели: градски автомобил, компактен кросовер и компактен хечбек.

Сега е потврдено и дека од 2024 година, продажбата на новите модели на Lancia ќе започне и надвор од Италија, прво во Австрија, Белгија, Франција, Германија и Шпанија, а една година подоцна и во Велика Британија.

Главниот директор за дизајн на Stellantis, Жан-Пјер Плоу, ќе биде задолжен за дизајнот, откако се обврза дека ќе создаде нов идентитет на Lancia инспириран од нејзината славна 115-годишна историја.

Според претходниот извештај, Lancia веќе започнала да развива сосема нов градски автомобил кој ќе го замени Ypsilon, а неговата премиера е закажана за средината на 2024 година. Ќе се базира на новата верзија на CMP/eCMP платформата која моментално се користи од модели како што се Peugeot 208 и 2008, Opel Corsa и Mokka и DS3 Crossback. Тоа значи дека ќе биде првиот целосно електричен модел на Lancia, но ќе биде достапен и со бензински мотор како алтернатива.

Вториот нов модел ќе следи во првиот квартал на 2026 година во форма на целосно електричен компактен кросовер. Овој ќе се базира на платформата STLA Medium која ќе се користи и за неколку идни модели од палетата на Stellantis.

Уште еден проект е во план, а тоа е компактен хечбек. Новиот шеф на Lancia, Лука Наполитано, во неодамнешното интервју за Corriere della Sera изјави дека името Delta ќе се врати на сцената за околу четири години.

Наполитано најавува дека тоа ќе биде вистинска Delta, возбудлив автомобил, манифест на напредок и технологија. Секако, ќе биде електричен модел.

Засега нема многу детали, но се очекува новата Delta да ја користи STLA Medium платформата и автономијата со едно полнење на батеријата да изнесува до 700 km.

Конечно, треба да се потсетиме на најавата дека по 2026 година сите нови модели на Lancia ќе бидат исклучиво електрични.