Внимавајте, полицијата ќе ги одзема и до 3 месеци возилата кои премногу бучат, испуштаат црн чад…
Законските измени се донесени пред Нова Година и веќе се во сила
Македонското собрание уште пред Нова Година го донесе новиот Закон за безбедност во сообраќајот, според кој полицијата ќе може на која било сообраќајница, да ги симне веднаш табличките од возилото и да го отстрани од сообраќај ако се посомнева дека е технички неисправно. Ваквите возила полицијата може да ги задржи и до 90 дена.
Новините во законот се директна последица откако во изминатата година беа откриени голем број на нерегистрирани приватни и возила на фирми и по неколку години, исто како и на технички неисправни возила, кои се најчестите предизвикувачи на тешки сообраќајни несреќи. Од сообраќај ќе бидат отстранети веднаш заедно со возилата и возачите без положен возачки испит или со истечена возачка, како и на такви кои што управуваат возила под силни дејства на антидепресиви, кои возат уморни, пијани, дрогирани…
„Полициски службеник може да исклучи возило од сообраќај и привремено да го одземе возилото до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена. Ако биде утврдена техничка неисправност на возилото која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена“, стои во донесените измени.
Ова значи дека големата бучава, премногу чад од ауспухот, пребавното возење или неможноста на едно возило да закочи, т.е. да застане веднаш со сопирачките, ќе бидат сигнали за сообраќајната контрола и овластување за да се посомневаат во техничка неисправност, т.е. веднаш возилото да го застанат, да го исклучат од сообраќај и да го пратат на технички преглед. Сигнал за неисправност и овластување полицијата времено да го одзеде, е и ако возилото не е регистрирано.
Сите трошоци во ваквите случаи ги носи возачот, се вели во законот.
Новина во измените е и трајното губење на возачката дозвола.
Со цел да се санкционираат возачите, кои почесто се јавуваат во улога на сторители на посериозни прекршоци во сообраќајот, кои се најчеста причина за сообраќајни незгоди со потешки последици, се предлага изрекување на санкција-престанок на важење на возачка дозвола од категоријата за која им била изречена прекршочната санкција – забрана за управување, ако во период од една година од денот на правосилноста на одлуката сториле друг сообраќаен пре кршок за кој е предвидена прекршочна санкција – забрана на управување со моторно возило, изречена за истата категорија.
Со предложените измени мандатниот платен налог се заменува со прекршочниот платен налог и во таа насока се бришат дел од одредбите кои се однесуваат на регистрирањето негативни бодови.
Законот веќе е стапен во сила.