Внимавајте ако возите низ Хрватска – од денес на сила многу построги казни
Од денес во сила влегуваат нови построги сообраќајни правила проследени со поригорозни казни, кои, како што наведуваат хрватските медиуми, се искачуваат и до три просечни плати во Хрватска
Од Министерството за внатрешни работи на Хрватска велат дека со тоа сакаат да го подигнат нивото на безбедност, но и културата во сообраќајот, на патиштата.
Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата предвидува зголемување на казните до 2.700 евра за сторителите на осум прекршоци, утврдени причинители на најсериозните сообраќајни несреќи.
- надминување на дозволената брзина на движење во населено место за повеќе од 50 km/h,
- возење во спротивна или забранета насока на автопат, брзи патишта и патишта наменети исклучиво за сообраќај на моторни возила,
- намерно поминување на црвено светло или минување на црвено светло без да се намали брзината, со зголемување на брзината или поминување на две или повеќе црвени светла,
- одбивање возачот да се подложи на тестирање за проверка на алкохол или дрога,
- возење под дејство на алкохол над 1,5 g/kg и возење под дејство на опијати,
- управување со возило пред да се добие возачка дозвола,
- управување со возило додека возачката дозвола е одземена заради негативни поени,
- управување со возило додека возачката дозвола е одземена, додека возачот е исклучен од сообраќај или му е изречена мерка за привремено одземање на дозволата или заштитна мерка.
За овие прекршоци е пропишано зголемување на паричните казни од сегашните 680-2.000 евра на 1.350-2.700 евра, како и пропишување на облигаторни заштитни мерки, односно забрана за управување со моторно возило од најмалку шест месеци за втор направен прекршок или најмалку 12 месеци ако делото е сторено три или повеќе пати.
Тука е и зголемувањето на негативните поени (од три на шест) и привремено одземање на возилото како средство за сторените прекршоци.
Полицијата може привремено да го конфискува возилото од возачот кој е веќе казнет најмалку два пати во последните три години, почнувајќи со влегувањето во сила на овој закон, а повторно стори некои од осумте најтешки сообраќајни престапи, претходно наведени.
Привремено одземање значи заплена до решението на судот, кој е должен да донесе решение во рок од 15 дена.
Зголемувањето на паричните казни е предвидено и за:
- Неврзување на сигурносниот ремен за време на возење,
- неправилен превоз на деца во возило и
- недозволена употреба на мобилен телефон за време на возење.
За овие прекршоци од претходните 67 евра, казната е зголемена на 135 евра.