Најголемиот авто-мото настан под отворено небо во нашата земја, Авто Плус Street Show, се одржува овој викенд, на 16 и 17 октомври

Иако првично закажан за претходниот, Авто Плус Street Show 2021 ќе се одржи престојниот викенд, во сабота и недела на 16 и 17 октомври. Причината за тоа беа временските услови, а викендот кој е пред нас е единствениот сув викенд во календарот. Тоа значи многу нови автомобили и мотоцикли, промоција на електромобилноста и секако премиера на нови модели на македонскиот пазар.

Во отсуство на вистински автомобилски настани во Македонија, Авто Плус Street Show пристигнува како авто-мото саем под отворено небо, а веруваме дека по првото издание во 2019 година, овојпат ќе го издигнеме настанот на уште поголемо ниво. Местото на одржување останува исто, а тоа се големите паркинзи на СЦ Борис Трајковски, каде на површина од 7.000 квадратни метри ќе имаме присутни повеќе од 40 брендови од автомобилската и индустријата на мотоцикли, спорт кампинг опрема, пневматици и нега… подржани од банкарската индустрија.

Како дел од репертоарот кој го имаме подготвено, најавуваме и премиера – презентација на новите модели на македонскиот пазар по теркот на светските автомобилски салони, каде излагачите ќе кажат збор-два за новитетите, а посетителите токму на овој настан ќе можат за првпат во живо (Live stream) да ги видат овие нови модели. Меѓу нив и новите Porsche Macan, Škoda Kodiaq, Audi A3, Dacia Duster, Renault Megane Conquest, Hyundai i30, Ford Ranger, но и неколку нови АТВ возила, четирицикли, електрични мотоцикли и велосипеди меѓу кои и Greyp Spirit, Horwin EK1, CFMOTO 1000, како и Gazelle Next комерцијалните возила и многу други. Покрај ова, ќе имате можност да се запознаете и со понудата на компаниите кои работат во секторот на автомобилска галантерија и додатоци за возила.

Ваше е само да донесете насмевка и добро расположение, а тимот на АвтоПлус ви ветува дека ќе ви приреди еден одличен авто-мото викенд исполнет со богата содржина. За да не останете гладни, на настанот ќе има и некое парче скара и точено Скопско, а за да останете будни во текот на целиот настан, присутни ќе бидат момците од Вело Кафе.

Извор: АвтоПлус.мк