Многу родители користат кратко возење со автомобил кога сакаат да успијат дете. Но, истиот процес кој ќе го успие детето, исто така, делува и на возачот

Понекогаш се доволни само 15 минути нежни автомобилски вибрации за намалување на будноста на возачот, и, следствено, да се предизвика поспаност, велат научниците, и го повикуваат производителите на автомобили со намалување на овие вибрации да спасат животи.

„Нашата студија покажува дека постојаните вибрации на ниските фреквенции, оние на кои сме изложени при возење, прогресивно предизвикуваат поспаност и кај луѓето кои се добро одморени и здрави“, вели авторот на една таква студија, Стивен Робинсон.

Студијата ја спровел Универзитетот во Мелбурн, Австралија, земја во која 20 проценти од фаталните сообраќајни несреќи биле предизвикани од премор. Бројките се подеднакво високи и во Европа.

„Петнаесет минути од почетокот на возењето полека се јавува поспаност. Веќе по половина час тоа значително влијае на способноста на возачот да остане фокусиран и буден“, вели Робинсон.

Заморот може да биде многу поопасен дури и од возење под дејство на алкохол. Во Германија, на пример, за два пати се побројни несреќите предизвикани од поспаност отколку од алкохол. Научниците ја испитувале фреквенцијата на срцевите отчукувања кај 15 волонтери на виртуелен симулатор при монотоно возење на двонасочен автопат. Оние кои биле изложени на вибрации се чувствувале многу поуморни од оние кои биле лишени од вибрации, откриваат тие.

Научниците сега бараат од производителите на автомобили да дизајнираат седишта со кои ќе се намалат вибрациите и нивното влијание за поспаност.

Додека се случи тоа, тие препорачуваат заморот зад воланот да се надвладе со запирање на автомобилот и одмор. Бидејќи спротивно на убедувањата, отворањето на прозорците, зголемувањето на гласноста на музиката или енергетските пијалаци, не помагаат да се елиминира поспаноста и заморот.