Vespa – вечно млада и на 75 години / ВИДЕО
За некои тоа е најпрактичен начин на превоз, за други дури има и статусен симбол, но генерално Vespa е симбол на слободата …
Уште откако Одри Хепберн се возеше со Vespa во филмот „Празник во Рим“ во 1953 година, познатиот италијански скутер е симбол на младоста и стилот. Многу Италијанци сè уште се длабоко врзани за неа, иако таа наполни 75 години.
„Имам Vespa 12 години, оваа ми е трета“, вели 40-годишниот Марко Гуериери, сметководител од Рим. „Сакав нешто пооригинално од јапонските скутери, да е направено од метал, а не од пластика и со тоа и потрајно“, додава тој.
За него тоа е најпрактичен начин на транспорт, а тврди дека воедно е статусен симбол за многумина.
„Во моето соседство, сите успешни луѓе возат Vespa!“, посочува тој.
Римските авантури на Одри Хепберн и Грегори Пек ја прославија Vespa во 50-тите години на минатиот век, но нејзината историја започнува на 23 април 1946 година, кога бил регистриран првиот производствен патент.
Легендата вели дека кум на името, што на италијански значи „оса“, е Енрико Пјаџо, основач на истоимената фабрика, бидејќи звукот на нејзиниот мотор го потсетувал на зуење.
Денес по седумдесет и пет години и 19 милиони произведени парчиња, Vespa не изгубила ништо од својот шарм.
„Деветнаесет милиони девојчиња и момчиња, генерации сонуваа и со Vespa ја добија својата слобода!“, стои во ентузијастичката изјава на компанијата Piaggio по повод 75-от роденден на култниот мотоцикл.
Од почетокот, во 1946 година, Vespa се произведува во седиштето на фабриката на Piaggio во Понтедера, Тоскана. Дури во последните неколку години се отворени два странски погони, во Индија и во Виетнам.