Веќе не се изненадување: Кинеските модели импресивни во најновата серија тестови на Euro NCAP / ВИДЕО
- Кинеските модели за Европа ORA Funky Cat и WEY Coffee 1 од Great Wall Motors со пет ѕвезди на најновите краш тестови
Кој вели дека Tesla произведува неквалтетни автомобили?! Tesla Model Y излезена од фабриката во Германија се покажала најдобро споредено со неодамна тестираните автомобили со пет ѕвезди, постигнувајќи 97 проценти за заштитата на возрасните патници и 98 проценти за системите за безбедно возење. Моделот е оценет со максимален број бодови за поддршката во сообраќајна лентата и системот за следење на возачот базиран на камера. Неговите безбедносни технологии, се покажале добро и во спречувањето на судири со други автомобили, велосипедисти и пешаци.
За некого можеби изненадување, но на краш тестовите добро се покажале и многу кинески производители на автомобили. На пример, ORA Funky Cat и WEY Coffee 1 на Great Wall Motor освоиле максимални пет ѕвезди. Моделот Funky Cat остварил 92 проценти во заштита на возрасни патници, 83 проценти во заштита на деца патници, 74 проценти во тестирање на ранливите учесници во сообраќајот и 93 проценти за неговиот систем за безбедно возење.
Од друга страна WEY Coffee 01 има резултат од 91 отсто за заштита на возрасните патници, 87 отсто за деца, 79 отсто со ранливи учесници во сообраќајот и 94 отсто за системите за безбедно возење.
„Во минатото сме виделе добри резултати од некои кинески производители, но и некои многу лоши“, вели генералниот секретар на Euro NCAP, Михиел ван Ратинген. „Оваа година, Euro NCAP ќе тестира повеќе кинески автомобили од кога било, а Great Wall навистина ги поставува стандардите што другите треба да ги следат. Исто така, честитки до Tesla за навистина извонредната, рекордна оценка за Model Y“.
Максимални пет ѕвезди освоиле и Genesis GV60 и Kia Niro (за верзијата со пакет за безбедност со радар).