Уште една иницијатива на некои земји од ЕУ: Дали и стандардот Еуро 7 е под знак прашалник?!
Состанокот на голем број министри за транспорт треба да доведе до заеднички став за стандардот за издувни гасови Еуро 7, кој планира многу построга регулатива
Чешките, германските и италијанските министри за транспорт планираат да соберат истомисленици во Брисел во понеделник за да откријат како да ги спасат моторите со внатрешно согорување од забраната на ЕУ во 2035 година, велат двајца дипломати за Politico. Германија, со поддршка на Италија, Полска и Бугарија, го блокираше конечното одобрување на законот со кој ќе се регулира продажбата само на автомобили и ванови со нулта емисија во ЕУ од 2035 година. Берлин сака Европската комисија прво да излезе со опција која ќе им овозможи на автомобилите да користат синтетички горива познати како е-горива.
Состанокот на голем број министри за транспорт треба да доведе и до заеднички став за стандардот за издувни гасови Еуро 7, кој планира многу построги регулативи. Поради зголеменото намалување на штетните гасови и честичките нечистотија (од триењето на сопирачките, на пример), на автомобилите би им била потребна нова технологија и би поскапеле за четири илјади евра. Евро 7 требаше да стане официјална норма во 2025 година.
Заедно со германскиот министер за транспорт Фолкер Висинг и неговиот чешки колега Мартин Купка, на состанокот секако ќе присуствува и италијанскиот министер за транспорт Матео Салвини. На состанокот се поканети и министри од Франција, Шпанија, Полска, Унгарија, Словачка, Португалија, Романија, Словенија и Финска, вели чешкиот претставник. Тие земји во одреден момент изразија загриженост во врска со плановите за регулирање на целосната забрана за продажба на нови возила што загадуваат – во суштина транзиција кон електрични возила.
На списокот на поканети на состанокот се исклучени земји како Холандија, Шведска, Белгија, Данска, Луксембург, Австрија и Ирска, кои поддржуваат постепено укинување на автомобилите со мотори со внатрешно согорување до 2035 година.