Уште еден град во Европа воведува ограничување од 30 km/h
Неколку градови во Европа одлучуваат да воведат единствено ограничување на брзината на движење од 30 km/h. Од 2021 година такво ограничување на брзината ќе се применува меѓу другите градови и во Брисел
Пред неколку месеци, шпански Билбао стана првиот поголем град во светот (со над 300.000 жители) кој воведе ограничување на брзината во изградениот дел од 30 km/h. Од 2021 година ваквото ограничување ќе важи за повеќето улици во Брисел. Во Париз, во тек се консултации со жителите за воведување на слично решение, а властите посочуваат дека „зона 30“ веќе опфаќа околу 60 проценти од територија на градот.
Повеќето градови имаат ограничување на брзината од 50 km/h. Намалувањето до 30 km/h ја подобрува безбедноста, особено за ранливите учесници во сообраќајот. Пешаците имаат дури 90% шанси да преживеат кога ќе ги удри автомобил кој патува со 30 km/h. Доколку автомобилот вози со брзина од 50 km/h, шансите се намалуваат на 50%.
Ограничувањата на брзината придонесуваат за безбедноста на многу начини. Кога возите со помала брзина, растојанието на сопирање е помало, видното поле на возачот е пошироко, а има и повеќе време за реакција во итни случаи.
Ефективноста на воведувањето на ограничувањето од 30 km/h може да се види во примерот на Хелсинки. Поголемиот дел од центарот на градот во моментов е во „зона 30“, а инфраструктурата исто така фаворизира побавно возење, на пр. легнати полицајци, подигнати пешачки премини и кружни текови. Во финскиот главен град минатата година не загинал ниту еден пешак или велосипедист.