Барселона е уште еден град кој повеќе не дозволува постарите автомобили да влезат во централното градско подрачје

Забраната се однесува на бензинците произведени пред 2000 година и дизелите постари од 2006 година, а областа на која се однесува забраната е со големина од околу 60 квадратни километри.

Забраната важи од 7 до 20 часот, а казната за секој што ќе биде фатен во оваа зона во дадениот период е од 100 до 150 евра. Добрата вест за жителите на Барселона е дека во првите три месеци нема да се наплаќаат казни, туку ќе се даваат само предупредувања за прекршителите кои ќе бидат снимени со некоја од 150-те ново-инсталирани камери за надзор.

Дополнително олеснување има за оние кои работат на испорака и за оние кои заработуваат помалку од 8.000 евра годишно. На вторите им е даден одреден преоден рок од 12 месеци. Странците, пак, ќе треба да платат посебна такса ако сакаат да влезат во градот со стар автомобил.

Според анализите со оваа забрана во моментов се погодени околу 50.000 возила, а се очекува со тек на време, откако одредбата ќе стане построга, да бидат засегнати и понови возила, како и комерцијални возила. Многу наскоро, односно за три години, оваа бројка би нараснала до 125.000 возила.

Причината за оваа одлука е лошиот квалитет на воздухот во Барселона, која во последните години не успева да ги подобри и достигне рамките од Европската регулатива. Проценките велат дека слабиот квалитет на воздухот помеѓу 2010 и 2017 година влијаел на 424 смртни случаи.