Нелегалните фарми се „нормална“ појава во Бразил, а се чини како сите за замижуваат на тоа

Амазонската прашума, позната како бели дробови на светот, со години произведува повеќе CO2 отколку што апсорбира. Фигуративно кажано, белите дробови на светот се сериозно болни, сето тоа поради уништувањето на шумите. Уништувањето на шумите добива драматични размери, а лицемерието на оние што ги прозиваат бразилските власти е посебна приказна.

The New York Times е на трага на голема приказна за тоа како кожните седишта во автомобилите влијаат на негативните процеси во дождовните шуми. Податоците од бразилската влада укажуваат на апетит за земјиште во природниот резерват Jaci-Paraná. Според бројките, помеѓу јануари 2018 и јуни 2021 година, фармите кои работат во Jaci-Paraná на незаконски стекнато земјиште продале најмалку 17.700 говеда на фарми со средна големина. Според државните и корпоративните податоци, купувачите биле добавувачи за три големи производители на месо, JBS, Marfrig и Minerva.

Речиси половина од тие 17.700 говеда ги купил Армандо Кастанхеира Фиљо, локален трговец кој бил еден од најголемите купувачи во Jaci-Paraná и директен снабдувач на сите три главни производители на месо. Продажбата му создала хартиена трага која криела дека добитокот потекнува од диви фарми. Говедското месо се користи во Бразил, но и се извезува, а кожата оди во Мексико и Европа и завршува во автомобилите што ги возат Италијанци, Американци, Германци… За илегалните фарми поради кои се расчистува прашумата досега сите молчат…

Ревизијата предводена од обвинителите во државата Пара во која се наоѓа второто по големина стадо говеда во Амазон, минатиот месец открила дека JBS купила 301.000 животни помеѓу јануари 2018 и јуни 2019 година, што е за 32 отсто повеќе од нејзините набавки во оваа држава, од фарми кои ги прекршиле обврските за спречување на дивата сеча.