Производителите на автомобили, вклучувајќи ги Volkswagen, BMW и Porsche, имаат потешкотии да набават кабли за автомобилите

Херберт Дис, извршен директор на германскиот производител на автомобили Volkswagen, предупредува дека долготрајната војна во Украина може да биде „многу полоша“ за европската економија, вклучително и автомобилската индустрија, отколку пандемијата со коронавирус, пишува Financial Times.

„Прекинот во глобалните синџири на снабдување може да доведе до големи зголемувања на цените, недостиг на енергија и инфлација“, вели Дис за Financial Times.

Тој, исто така, верува дека долготрајниот конфликт во Украина може да ја соочи Европа со огромна закана од висока инфлација. Во Volkswagen не беa веднаш достапни за коментар на неговите изјави.

Производителите на автомобили, вклучително Volkswagen, BMW и Porsche, имаат потешкотии да набават кабли за своите автомобили, кои досега ги набавуваа во западна Украина. Овие погони сега се затворени поради руската инвазија, па производителите на автомобили се принудени да го намалат производството.

Volkswagen на почетокот на месецот ги прекина операциите во Русија и извозот на возила поради инвазијата на Украина, а го запре и производството во погоните во Калуга и Нижни Новгород, Русија.