Војната во Украина и коронавирусот во Кина ветуваат тешки месеци за индустријата

Криза во снабдувањето со полупроводници и чипови, бавно производство и постојан пад на продажбата – ова е сликата од последните 2 години во автомобилската индустрија, што ја прави нејзината иднина уште понеизвесна. Според експертите, кризата ќе продолжи барем до крајот на 2023 година, што во превод значи уште поголеми проблеми за автомобилската индустрија. 

Војната во Украина веќе има големо влијание врз многу производители и генерално целата мрежа околу нив, а проблемите допрва почнуваат. Првиот е во снабдувањето со електрични кабли за целиот европски пазар, со оглед на тоа дека во Украина се произведува околу 15% од нив. Ова е клучна компонента за сите модерни автомобили – од најевтините до најскапите, а последиците од нивниот недостаток веќе се чувствуваат.

Групацијата Volkswagen, на пример, го прекина производството на многу свои модели, вклучувајќи ги електричните Volkswagen ID.3, Audi Q4 e-tron и Cupra Born. Проблемите влијаат и на plug-in хибридите. Двата главни производители на кабли, Aptiv и Leoni, се обидуваат да го префрлат производството во други земји како Полска, Романија, Србија и Мароко, но за тоа ќе бидат потребни до 6 недели.

Друг проблем, кој е уште поголем, е неонот, бидејќи Украина е најголемиот извозник на овој гас. Повеќето компании за полупроводници имаат залихи за околу 6 месеци, по што ќе мора да престанат со работа доколку не успеат да најдат нови добавувачи.

Русија, исто така, игра клучна улога меѓу добавувачите на суровини. Покрај нафтата, Москва произведува 10% од светскиот никел и е меѓу водечките земји во светот во производството на паладиум и платина. Првиот елемент се наоѓа во речиси сите електрични автомобили, додека последните два метали се присутни во катализаторите. Да не зборуваме дека Русија го снабдува целиот свет и со алуминиум и челик. Не е случајно што цените на сите овие суровини вртоглаво пораснаа од почетокот на инвазијата на Украина.

На сите овие тешкотии за индустријата мора да се додаде и новиот бран на на коронавурис во Кина, која го принуди Пекинг да стави во карантин 25 милиони луѓе. Тоа ќе има негативни последици и за автомобилската индустрија во наредните месеци, што ќе биде поврзано со намалување на производството.

Накратко, големите компании ќе произведуваат помалку автомобили, а нивната цена ќе се зголеми поради поскапите материјали. Тоа ќе влијае не само на новите модели, туку и на пазарот на половни возила, чија побарувачка ќе се зголеми. И соодветно ќе ги направи уште поскапи.