Транзицијата кон електрични автомобили може да загрози 60.000 работни места во Италија, вели еден од највлијателните синдикати, повикувајќи ја владата да го поддржи секторот, кој е „преоптоварен од промените“

 

Индустриските аналитичари велат дека автомобилскиот сектор во Италија би можел да претрпи потежок удар отколку во другите земји, поради малата просечна големина на компаниите и износот на инвестиции потребни за усогласување со климатскиот план на Европската унија Fit-For-55, кој бара намалување на нето емисиите на стакленички гасови за 55 проценти до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година.

Синдикатите и италијанското деловно лоби Confindustria соопштија дека многу мали и средни фирми би можеле да бидат принудени да затворат доколку владата не обезбеди даночни олеснувања и субвенции за овој сектор.

„И покрај поплаките и барањата од синдикатите и компаниите, владата во законот за буџет нема вклучено каква било интервенција за поддршка на секторот преоптоварен од промените предизвикани од енергетската и еколошката транзиција“, велат Фердинандо Улијано, шеф на FIM CISL и Стефано Бошини, раководител на секторот задолжен за автомобилската индустрија во рамките на FIM CISL.

Група индустриски здруженија за автомобилскиот сектор, исто така, објавија официјална изјава во која изразуваат жалење поради недостатокот на поддршка според законот за буџет на Италија и планот за закрепнување по пандемијата.

Директорите на FIM CISL ги повикаа властите да создадат фонд за заштита на работниците и малите и средни претпријатија, додавајќи дека се потребни субвенции за да се мотивира купувањето на електрични и хибридни автомобили и обновувањето на возните паркови во јавниот сектор.

FIM CISL, исто така, бара од Министерството за индустрија да ги дефинира условите и поволностите кои ќе привлечат инвестиции од мултинационални групи, вклучувајќи ги Vitesco Technologies, Bosch и Denso.

Синџирот на снабдување во автомобилскиот сектор во Италија вработува 278.000 работници и сочинува 6,2 отсто од бруто домашниот производ, соопшти автомобилската асоцијација од Италија, ANFIA.

Синдикатот не открива како стигнал до бројот на загрозени работни места.