Изборот е важен бидејќи влијае на контролата на возилото

Во некои земји, како на пример Финска, сопствениците на автомобили обично имаат двa комплета на тркала – еден за лето, а другиот за зима. Изборот на локалните жители, воглавно, е да користат нешто поголеми бандажи за летните гуми, кои се и поскапи.

Ширината на гумите влијае на голем број карактеристики: контактот со патот и управувањето, бучавата, удобноста при возење и потрошувачката на гориво. Заменувањето на тесните гуми со пошироки гуми, како по правило, го зголемува отпорот и затоа малку и ја зголемува потрошувачката на гориво. Во случајот со летните гуми, размерот донесува и подобра естетика бидејќи автомобилот со широки гуми изгледа и подобро.

Експертите објаснуваат дека ако возачот сака да ги постави тркала со поголем дијаметар, профилот на гумата треба да се намали. Ова овозможува надворешниот дијаметар да остане во дозволените граници и гумите ќе имаат доволно простор во делот за тркалата.

Профилот на пневматикот се пресметува како процент од висината спрема ширината. Бидејќи најпопуларните гуми се тесни со висок профил, тие се произведуваат во поголеми количини од широките гуми со низок профил. Ова е една од причините зошто потесните гуми генерално се поевтини од пошироките.

Количината на воздухот во гумите исто така има значително влијание врз удобноста за време на патувањето. Колку е поголем дијаметарот на тркалата, толку помалку воздух ќе собере во гумата. Високо профилните гуми со поголем обем за воздух ќе обезбедат помеко возење споредбено со широките гуми со низок профил.

Од безбедносен аспект и двата типа имаат свои предности: пошироките гуми обезбедуваат подобро возење на суви патишта, но во исто време полошо се справуваат со аквапланинг.

Во зима тесните гуми се подобри, бидејќи во екстремни услови тие обезбедуваат поголем површински притисок на патот. Тесните гуми, исто така, работат подобро на свеж снег и дожд, додека широките гуми од друга страна подобро лежат на мазен асфалт.