Цената на нафтата во средата на меѓународните пазари достигна 76 американски долари откако извештајот на САД покажа пад на залихите, сигнализирајќи силно закрепнување на побарувачката на северната хемисфера за време на летната возачка сезона

На лондонскиот пазар цената на барелот порасна за 1,08 долари во споредба со претходното затворање, на 75,89 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше за 1,13 долари повисоко, односно 73,99 долари.

Трговците деновиве се фокусирани на извештајот на Институтот за нафта на САД (API), кој според два извори покажал пад на залихите на сурова нафта во САД минатата недела за 7,2 милиони барели, што е повеќе од очекуваното.

„Повторно преовлада нагорниот тренд на цената“, изјави брокер за нафта во PVM Стивен Бренок. „Темелната побарувачка на физичкиот пазар значи дека евентуалната корекција на цените надолу ќе биде скромно и краткотрајно“, додава аналитичарот на брокерската куќа OANDA, Џефри Хали.

Цените на лондонскиот пазар оваа година се зголемиле за 45 проценти, поттикнати од намалените залихи од членовите на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEK) и нејзините сојузници и олеснување на ковид ограничувањата кои ја ослободија побарувачката, потсетува Reuters.

Глобалната побарувачка се очекува дополнително да се зголеми во втората половина на годината, но на OPEK+ паралелно се отвора перспективата за поголем увоз од иранските залихи, во случај разговорите меѓу Иран и шесте светски сили да доведат до заживување на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.

OPEK+ ќе се состане на 1 јули за да разговара за понатамошно олеснување на ограничувањата на производството од август. Одлука за тоа колку точно производството може да се зголеми сè уште не е донесена.

Поддршката за цената е обезбедена и од послабиот долар, бидејќи нафтата, чии цени се изразени во зелената банкнота, стана поевтина за имателите на други валути, што значи поголема побарувачка.

Денес Регулаторната комисија за енергетика на РС Македонија одлучува за евентуална корекција на цената на нафтените деривати, која многу веројатно повторно ќе забележи раст.