Никогаш досега немало толку голема разлика во цената на горивото меѓу Германија и Полска. Затоа германските возачи сè почесто одат по гориво преку границата. И затоа германските бензински пумпи бараат помош од државата, пишува Deutsche Welle

Горивото на германските бензински пумпи е по рекордни цени. Возачите мора да користат апликации што покажуваат каде е најевтино за да најдат бензин под 1,80 евро за литар или дизел под 1,60 евро. Често е и поскапо – затоа што германските бензински пумпи ги менуваат цените во просек петпати на ден.

Но, оние што живеат во близина на источната германска граница со Полска пронашле едноставно решение – само ја преминуваат границата и го полнат резервоарот до врв.

По намалувањето на данокот на додадена вредност, горивата во соседната земја преку ноќ поевтиниле за нови десетина центи за литар. Бензинот сега е поевтин од Германија за 60 центи за литар, а дизелот за 45. Оној што ќе го наполни резервоарот во Полска заштедува триесетина евра.

„Продажбата на гориво во Германија во областите во близина на границата падна речиси 50 отсто во јануари. Полските бензински пумпи, пак, известуваат дека нивниот промет е зголемен 50 отсто“, вели Јирген Цајгнер, шеф на Здружението на сопствениците на бензинските пумпи.

Според Die Welt, речиси 300-400 бензински пумпи во Германија би можеле да банкротираат поради големата разлика во цената во однос на Полска. Крајниот исток на Германија и онака е најмалку развиен и населен. Таму густината на бензинските пумпи е најмала во целата држава.

Кога нема автомобили што точат гориво, има и помалку луѓе што застануваат во малите продавници во рамките на пумпите. А бензинските пумпи заработуваат две третини од приходите не од гориво туку од ситниците што се продаваат во тие маркети – пијалаци, цигари, сендвичи итн.