Италијанската компанија Super Veloce претстави нова машина за подготовка на Espresso кафе, а она што е интересно во врска со неа е нејзиниот дизајн. Имено, изгледа како расен автомобилски мотор

Основачот на оваа компанија, кој се занимава со производство на лимитирани серии на уметнички, а во исто време и корисни уреди, е Паоло Мастроџузепе. Неговиот тим и тој лично, добиле идеја на сите вљубеници во автомобилите и кафето да им дадат можност своето кафе, да го подготват и испијат со посебно задоволство.

Презентирани се неколку различни модели на апарати за кафе, а нивната заедничка црта е тоа дека се базираат на одредена конфигурација на погонски систем на автомобил. Во превод, има уреди во облик на 6-цилиндерски боксер единици или кафемат во V8, V10 или V12 распоред. Посебно е развиен и уред кој се базира на изгледот на авионска турбина.

Користените материјали за производство на овие уникатни машини се повеќе од егзотични. Моделот Aviatore Veloce е најскромен со својата алуминиумска каросерија. Овој модел го следат модели како Flat Six од алуминиум-титаниум комбинација, Nero Carbonio кој во одреден дел користи карбонски влакна, а во друг титаниум. Тука е и Serie Titanio чија основа е целосно изработена од титаниум.

За оние за кои ова е премногу досадно и „секојдневно“достапни се и модели украсени со злато (Aurum 18ct со детали направени од 18-каратно злато), а врв на понудата е уред од супер ограниченото издание Royale кое поседува повеќе златни детали.

Се разбира, со почетна цена од околу 10.000 евра, оваа егзотика баш и не е достапна за секој љубител на автомобили, иако сигурно секој би посакал некој од ови уникатни апарати за кафе.