Сè додека моторот не ја достигне работната температура, бројот на вртежи во минута треба да остане во долната третина од опсегот на вртежи

Многу производители на автомобили тврдат дека моторот со внатрешно согорување повеќе не треба да се загрева до работната температура. Ова тврдење е оправдано со високите стандарди на производство според кои се произведуваат моторите и изборот на материјали. Но, ако сакате долго да уживате во вашето возило, не треба да ги слушате, барем така се наведува во напис во германскиот магазин Autobild.

Секој мотор треба да се загрее, велат тие, за да се намали абењето на минимум. Ладното моторно масло обично е многу погусто и повискозно од моторното масло кое е на работна температура. При ладно придвижување, потребно е повеќе време запумпање на маслото до лежиштата и местата за подмачкување на моторот и турбополначот. Ако забрзате веднаш по стартувањето, ризикувате недоволно подмачкување на важни делови, проследено со зголемено абење и, во најлош случај, дури и оштетување на моторот. Секако, тоа важи и за ладен старт во лето, но уште повеќе за зимските температури.

Што да се прави? Прво вклучете го моторот, а потоа затегнете го безбедносниот ремен. Кој го следи ова мало правило прави многу добро за моторот. Сепак, дури и ако маслото стигнало до сите важни точки за подмачкување во моторот или турбополначот, моторот не смее веднаш да се вози при високи вртежи. Моторот со внатрешно согорување се состои од повеќе од 1000 делови направени од различни материјали. Ова значи дека компонентите се шират со различна брзина додека се загреваат. На пример, клиповите се загреваат многу брзо со согорувањето што се случува во цилиндерот, што прави побрзо да се шират. На ѕидовите на цилиндерот, кои се дел од блокот на моторот, им треба подолго време. Јазот, односно растојанието помеѓу клиповите и ѕидовите на цилиндерот, станува премал, што значи дополнително абење.

Главата на цилиндерот, исто така, често е направена од различен материјал од блокот на моторот. Ако компонентите не се шират рамномерно, може да дојде до истекување во близина на заптивката на главата на цилиндерот поради пукнатини на неа. Сè додека моторот не ја достигне работната температура, бројот на вртежи во минута треба да остане во долната третина од опсегот на вртежи. Се препорачува да не се дава полн гас. Загревањето, од друга страна, не е добро ако автомобилот стои во место. Тогаш не може сите компоненти да се загреат толку брзо и ефикасно како што треба. Затоа тргнете, но не го „силувајте“ моторот додека не се загрее.