Со недели, големите и реномирани технолошки медиуми објавуваат информации за плановите за иднината на Apple, па од нив може да се заклучи како би можел да изгледа iPhone за 2-3 години

Благодарение на бројните гласини објавени досега, за телефоните кои Apple ќе ги презентира во септември оваа година, се знае скоро сè. Тим Кук ќе претстави три модели, два со OLED екрани и еден со LCD екран. Наследникот на моделот Х треба да биде стотина долари поевтин, а по цена од 1.000 долари Apple би можел да продава 6.5-инчен iPhone X Plus. Класичниот LCD телефон, треба да има 6.1-инчен екран и ќе биде најевтин и веројатно најпопуларниот модел на Apple.

Кога станува збор за иднината, минатиот месец беа објавени некои информации врз основа на кои може да се заклучи какви се новини подготвува компанијата и како би можел да изгледа iPhone за неколку години.

Најголемо внимание во текот на следната година, Apple, како што стојат работите, ќе посвети на новиот екран за iPhone – освен што развиваат нов вид на екран за паметните телефони и часовници, во оваа компанија размислуваат и работат на флексибилни (свиткувачки) и закривени екрани.

Новиот тип на екран – Microled ќе биде потенок, полесен и поекономичен во споредба со сегашните OLED екрани, а освен што приказот на него ќе биде подобар, истиот ќе има позитивен ефект и врз батерија која ќе трае подолго.

За флексибилниот екран на идниот iPhone неодамна зборуваа и аналитичари од Bank of America – на таков телефон веќе со години работи Samsung и можеби ќе го покажат уште оваа година, па се чини логично дека и во компанијата на Тим Кук размислуваат за сличен уред. Дури се споменува и можност за хибриден уред кој ќе се користи како класичен iPhone, а кога би се отворил екранот, би се претворал во iPad.

Најновите информации објавени од Bloomberg исто така зборуваат за иновации поврзани со екранoт, но наместо флексибилен, се споменува закривен екран. За разлика од екраните на актуелните модели на паметни телефони кои се заоблени на рабовите, идниот екран на iPhone би можел да биде малку закривен према внатре односно од врвот до дното на телефонот.

Друга новина што може да се очекува од телефоните на Apple е управување со некои опции преку гестови или без допирање на екранот. Apple оваа технологија ќе ја вгради во самиот екран, па за одредени опции, на пример, за нова порака, активирање на одредени апликации и слично, ќе биде доволно само да се повлече со прст над екранот или да се направи одреден гест над екранот, без негово допирање. Ако Apple одлучи да ја имплементира оваа опција, сепак ќе поминат уште најмалку две години до нејзиното претставување во iPhone.

Како и да е, водечките компании во моментов се најмногу фокусирани на камерите за паметни телефони (за многумина и најважна опција), а во иднина, покрај се подобрите камери, телефоните ќе имаат се подобри и подобри екрани.