
Специјални правила за странските дипломати во Берлин – направиле речиси 10.000 сообраќајни прекршоци во 2021 година!
Дипломатите и нивните семејства уживаат имунитет. Овој договор постои од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година
Минатата година, полицијата регистрирала 9.973 сообраќајни прекршоци од странски дипломати на улиците на Берлин, главниот град на Германија, од кои ниту еден не бил кривично гонет поради поседуваниот имунитет. Висината на опомените или глобите изнесува вртоглави 200.000 евра. Ништо од тоа сеуште не е платено.
Најчесто откриени прекршоци биле прекршоците за паркирање и брзо возење. Во првите десет земји се Саудиска Арабија, Грција, САД, Ирак, Русија, Судан, Египет, Јемен, Индонезија и Туркменистан. Во моментов со посебни таблички се регистрирани 2.550 возила на дипломатскиот кор. Бројот на сообраќајни прекршоци сепак е намален во последните години бидејќи во 2018 година возачи на автомобили со дипломатски таблички биле регистрирани во повеќе од 21.000 административни прекршоци, а во 2020 година биле 12.570. Според податоците на германското МВР, од јануари до ноември 2021 година учествувале во 46 сообраќајни незгоди. Во 28 случаи, што е добри 60 проценти, имало сомнеж за бегство, но и во овие случаи германските власти немаат законски овластувања да воведат санкции. Дипломатите и нивните семејства уживаат имунитет. Овој договор постои од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.