Aвтомобилската индустрија има голем проблем!

Традиционалните производители, за новите автомобили користат платформи кои вклучуваат инсталирање на поголеми количини чипови од постара генерација, кои полека исчезнуваат од производство

Аналитичарите од куќата на Roland Berger ја објавија својата проценка за краткорочните трендови во автомобилската индустрија, односно развојот на кризата со чипови. На пазарот се разви систематски јаз помеѓу понудата и побарувачката, поттикнат од структурните нерамнотежи и темелна неусогласеност во синџирот на снабдување. Надворешните шокови како пандемијата на коронавирус само ја влошија ситуацијата, оставајќи ги залихите на производителите на најниско ниво во последниве години. Вкупната побарувачка за полупроводници расте за 17% годишно, во споредба со приближно годишното зголемување на производствените капацитети од 6% помеѓу 2020 и 2022 година. Недостигот на понуда најверојатно ќе трае најмалку до 2023 година, велат од Roland Berger.

Автомобилската индустрија е една од најтешко погодените. Автомобилите од традиционалните производители во голема мера се потпираат на постарата генерација на чипови. За жал на индустријата, токму овие типови чипови се најмногу погодени од намалената понуда.

Структурата на полупроводниците во автомобилите претрпува длабока промена.

Новите производители на автомобили, како што е Tesla, на пример, користат нова генерација чипови кои се централизирани, помоќни и моментално немаат проблеми со снабдувањето со нив (овие чипови ги има и кај новите моќни компјутери). Традиционалните производители, од друга страна, користат платформи за нови автомобили кои вклучуваат инсталирање на поголеми количини чипови од постарата генерација, кои полека исчезнуваат од производството. Очигледно и тие со новите генерации ќе мора да се префрлат на помодерен хардвер, од причина што сите производители на чипови ја зголемуваат својата инвестиција во нови полупроводници и нивно производство.

Но зголемувањето на производството на нови полупроводници исто така нема да ја реши кризата со снабдување на краток рок. За проширување на капацитетите е потребно време – три до четири години за изградба и зголемување на капацитетите. Како резултат на овие фактори, Roland Berger не очекува да се ублажи недостигот на чипови од постарата генерација пред 2023 година.

Покрај тоа, опасности во снабдувањето лежат и во нарушените синџири на снабдување, па дури и тропските бури, кои може да влијаат на производството во азиските фабрики и транспортот на полупроводниците.