Словенија размислува поинаку кога станува збор за автомобилите и данокот при нивна набавка
Словенија го намалува данокот на моторни возила за 65% затоа што смета дека автомобилот е потрошна стока и потреба, а не луксуз
Данокот на моторни возила во Словенија радикално ќе биде намален според новиот закон предложен од владата, а се укинува и дополнителниот данок за луксузни возила со зафатнина на моторот над 2,5 литри.
„Просечниот данок на возила, кој сега изнесува околу 460 евра, ќе се намали на околу 160 евра“, вели министерот за финансии Андреј Ширцељ. „Даночното оптоварување кое досега беше превисоко е намалено за цели 65%“, вели тој и додава дека денес обичен автомобил е потршна стока и потреба, а не луксуз.
Се проценува дека по стапувањето во сила на новиот закон на почетокот од 2021 година, годишниот приход на државата по таа основа, кој досега изнесувал 45 милиони евра, ќе се намали на 16 милиони.
Сега во Словенија, основата за утврдување на данокот е продажната цена, а во иднина основен критериум за даночната стапка ќе биде еколошката компонента – емисиите на штетни гасови, односно емисискиот стандард во однос на видот на горивото, вели Ширцељ.
Електричните возила ќе бидат ослободени од данок, најавува министерот и додава дека на тој начин Словенија ги следи стапките на оние земји кои со својата даночна политика ја потврдуваат својата грижа за животната средина. Од данок ќе бидат ослободени и олдтајмерите, автомобилите за спортска намена и возилата за итни случаи.
Еднаш во три години данок нема да плаќаат ниту семејствата со три или повеќе деца при купување на автомобил, а нема да се плаќа данок ниту за возилата кои ги користат лицата со инвалидитет.