Honda претходно официјално потврди дека ќе ја прошири својата европска гама со сосема нов SUV модел наречен ZR-V.

Новиот ZR-V на европскиот пазар ќе пристигне во 2023 година, а во гамата на Honda се позиционира помеѓу моделите HR-V и CR-V. Се додека тоа и официјално не се случи, пред нас премиерно е јапонската верзија на Honda ZR-V, со која Honda ни навестува што може да очекуваме од следната година во Европа.

Јапонскиот ZR-V ќе биде достапен во неколку верзии, и тоа со 1.5-литарски бензински мотор и во варијанта со хибридниот погонски систем од Civic e:HEV. И двете верзии за Јапонија ќе располагаат со погон на сите тркала.

Целосните технички спецификации ќе бидат објавени веројатно до септември, кога Honda ќе почне да прима нарачки за новиот ZR-V во Јапонија.

Од друга страна, во Европа, новиот ZR-V најверојатно ќе биде достапен само со хибриден погон, како дел од стратегијата на Honda да ја обнови својата европска постава со хибридни модели.

Буквата Z во името потекнува од желбата на Honda да ги задоволи „потребите за мобилност на генерацијата Z и кршење на парадигмите во потрага по нови искуства“.