Најпроблематични во однос на пожарите се хибридите, пред бензинците и електричните возила

Од време на време ќе се појави вест за тоа дека одреден производител повлекува одредени електрифицирани модели поради ризикот од самозапалување на батериите. Еден од последните случаи, веројатно и најозлогласениот, е Chevrolet Bolt EV, кој го чинеше General Motors стотици милиони долари. Но случајот со Bolt EV не е единствениот: Ford Kuga plug-in хибрид, Hyundai Kona или BMW plug-in хибриди мораа да бидат отповикани поради опасност од пожар. 

Може ли да се каже дека пожарот е ризик кој треба да се земе во предвид кај електричните автомобили? Веројатноста е мала, но постои. Сепак, постојат податоци кои покажуваат дека ризикот од пожар во електричен автомобил е многу помал отколку кај возилата на бензин, барем според студијата која собрала податоци од Националниот одбор за безбедност во транспортот на Соединетите држави, Бирото за сообраќајни статистики на САД и податоците за ревизија од страна на американската влада.

Според податоците собрани во студијата, во 2020 година во САД биле пријавени 52 пожари во електрични автомобили или 25 пожари на секои 100.000 продадени електрични автомобили. Затоа пак имало 199.533 пожари во автомобили со бензински погон или 1.530 пожари на секои 100.000 продадени автомобили. Студијата посочува дека пожарите во електричните возила се многу поретки отколку кај бензинските: според податоците собрани од AutoInsuranceEZ, веројатноста да се запалат бензинските автомобили е десет пати поголема од онаа на електричните автомобили. Бројката е слична на онаа што ја објави Tesla пред некое време, уверувајќи дека можноста за пожар е 11 пати поголема да се појави во автомобил на бензински погон отколку во електричен. Сепак, од пожари најмногу страдаат хибридните автомобили – 16.051 пожари, што е еквивалентно на 3.474 пожари на секои 100.000 продадени хибридни автомобили во САД. Уделот е многу поголем од бензинските и електричните автомобили, што од друга страна е логично ако се земе предвид дека хибридите имаат два главни запаливи елементи: гориво и батерии.

Она што е сигурно е дека пожарот во електричен автомобил обично е многу потешко да се изгасне поради хемијата на самите батерии бидејќи може да предизвика самозапалување на ќелиите, екстремно високи температури и можност за последователно палење кое бара посебна интервенција на пожарникарите.