Шведска од 2030 година забранува продажба на конвенционални автомобили
По сличните вести од Норвешка и Данска, во име на заштита на природата, Шведска ќе забрани продажба на возила со SUS мотори, од почеток на 2030 година
Со вакви одлуки, полека но сигурно притисокот се зголемува и префрлува на германската влада во смисол на донесување аналогна одлука
Одлуката донесена од шведската влада, ја објави премиерот Стефан Ловен. Во меѓувреме, властите ќе сторат сé што е во нивна моќ, за ширење на мрежата на станици за полнење за електрични автомобили, како и комплетната придружна инфраструктура.
Откажувањето од бензински и дизел мотори, според очекувањата, треба значително да придонесе во напорите на оваа скандинавска земја значително да го намали нивото на емисии на јаглерод диоксид, што би било во согласност со целите утврдени со климатскиот договор во Париз, вели премиерот на Шведска.
Еколошката организација Greenpeace ја поздравува одлуката на шведската влада, која станува десетта земја со датум за „погреб“ на моторите со внатрешно согорување, се вели во изјавата на експертот за прашања поврзани со сообраќајот во рамките на организацијата, Марион Тиман.
На овој начин, притисокот врз автомобилската индустрија значително се зголемува, во години во кои водечките производители генерираат најголем дел од својот профит со продажба на конвенционални автомобили. Веќе милијарди евра се инвестираат во развојот на возила кои користат алтернативни погонски горива, а на пазарот веќе стигнуваат и перформантни електрични возила.
Да потсетиме дека Норвешка за краен рок за запирање на продажбата на возилата со SUS мотори, ја постави 2025 година. Поофанзивна забрана не е планирана, со оглед дека претходно купените конвенционални примероци ќе може да се користат, но затоа од друга страна, политиката на стимулацииза електрични автомобили е многу силна. Во почетокот на 2018 година, дури 31,2% од сите новопродадени возила во Норвешка биле електрични, а ако тука се вклучат и PHEV моделите, тогаш процентот се зголемува на 49,1.
Планот на Данска е сличен како оној на Норвешка, со иста година за забрана на продажба. До 2050 година, идејата е Данците целосно да се ослободат од фосилните горива. Исланд, исто така, ја прогласи 2030 година како критична во однос на напуштањето на бензинот и дизелот, додека Британија и Франција се одлучија за 2040 година.
Од друга страна, германската влада одбива уште сега да определи датум за истиснување на моторите со внатрешно согорување. Во Германија, само еден процент од ново регистрираните возила се однесува на електрични возила. Преведено во бројки, за 2017 година тоа значи околу 36.000 возила.