Што треба да избришете за да ја зачувате вашата приватност на Facebook
Скандалот со Facebook и Cambridge Anaylitics мотивираше многу луѓе да ги избришат своите профили на Facebook поради страв дека нивните лични податоци ќе бидат злоупотребени
Животите на стотици милиони луѓе денес се незамисливи без Facebook, а со текот на годините многу веројатно дека сите ние сме дале информации кои можат да се злоупотребат на најлош можен начин.
Токму затоа, изданието Independent направило листа на работи кои треба да бидат избришани од Facebook профилите за да се задржи приватноста.
Првото нешто што треба да го избришете е датата на раѓање. Иако многу луѓе сакаат Facebook пријателите да им праќаат честитки, датумот на раѓање не е паметно да се прикажува на оваа социјална мрежа, бидејќи тоа е податок кој многу лесно може да се злоупотреби.
Телефонскиот број е исто така нешто кое треба да го избришете ако случајно сте го поставиле на Facebook.
Independent советува дека треба да се избришат и еден дел од таканаречените пријатели. Според некои истражувања, еден човек може да одржува врска со максимум 150 луѓе, а сè друго е излишно и претставува само еден куп непознати луѓе.
Ако сакате да ги послушате советите, избришете ги фотографиите од вашите деца. Настрана опасноста од педофилија, запрашајте се како детето ќе реагира на одредени фотографии кога ќе порасне. Избришете ги информациите за тоа каде вашите деца одат на училиште.
Избришете го и вашиот шеф. Всушност, не го додавајте, бидејќи ќе има пристап до се што правите на Facebook.
Престанете да се чекирате на местата кои ги посетувате. Избришете ги податоците за тоа каде сте и кога на одмор. Крадците се повеќе барат вакви информации за да дознаат дали одреден стан, куќа е празна.
Избришете го и статусот за врската, советуваат експертите. Последниве години, честопати се фотографираат авиобилети и се поставуваат на Интернет. Навистина не е паметно. На една авионска карта, хакерот може да најде доволно податоци за да украде нешто од Вас.