Ford го обележува 55-тиот роденден на Mustang со специјална верзија посветена за европскиот пазар

Mustang55 е базиран на стандардниот Mustang GT опремен со 5.0 V8 мотор со 450 КС (331 kW). Купувачите можат да изберат дали моќта ќе се префрлува преку 6-брзински мануелен или 10-брзински автоматски менувач, а автомобилите од јубилејната серија се достапни во купе и кабриолет верзија.

Во споредба со стандардниот GT, јубилејниот модел се одликува пред се по некои естетски детали на надворешноста и во патничкиот простор на автомобилот, а како дополнителна опција достапен е и заден спојлер. Се разбира, возилото има специјални плочки со ознаката Mustang55.

Кровот на купе верзијата е обоен во црно, како и предната маска и браникот, а алуминиумските фелни се црни 19-инчни.

Фотографии од внатрешноста не се објавени, а од Ford велат дека јубилејната серија во внатрешноста обилува со материјали од јаглеродни влакна, централната конзола е обложена со кожа, а седиштата со алкантара.

Европа станува се поважен пазар за Mustang, а Ford заедно со лансирањето на јубилејната верзија објави дека во првите шест месеци од годината на Европскиот пазар пласирал над 5.500 примероци од овој модел.