„Се наоѓаме на половина од мојот мандат. Две години сме заедно. Ги решаваме проблемите коишто ги затекнав чекор по чекор. Ги решаваме на начин којшто ќе овозможи Скопје да стане град каков што веројатно секој од нас потајно го посакува“, порача синоќа градоначалникот на Град Скопје на трибината „Чекор по чекор за Скопје, две години со Петре Шилегов“.

Вети целосна трансформација на Градот, сосема поинаков јавен превоз, поголема грижа за зеленилото и третманот на комуналниот отпад, доизградба на велосипедски патеки на сите делови од Скопје дури и на Пластичарска улица, пошумување на Водно, интегрирано и инклузивно образование за сите, похуман третман на бездомните животни,….

„Во нашиот град ќе имаме јавен транспорт на 21. век којшто ќе продуцира емисија на нула штетни госови во атмосферата за што по наша прооценка се потребни околу 100 милиони евра. Ќе го развиваме паралено по двете главни трансферзали, исток – запад и север – југ, односно Ново Лисиче – Ѓорче Петров и Кисела Вода – Бутел. Системот подразбира дека на секој три ипол до четири минути ќе имаме по едно возило на станица и дека тој сообраќај ќе биде физички издвоен од останатиот сообраќај. Автобуските линии како што ги знаеме повеќе нема да постојат, туку ќе има линии за снабдување кои ќе ги носат граѓаните до првата допирна точка со главните трансферзали и од таму ќе можат да се транспонираат и да стасаат на посакуваната дестинација“, рече Шилегов.

Тоа, потенцира, овозможува да го направиме нашиот центар забранет за движење на автомобилскиот сообраќај.

„Во наредната година ќе бидеме сведоци на почеток на целосна трансформација на сообраќајот во малиот и средниот ринг во нашиот град, со сериозни инфраструктурни зафати коишто ќе овозможат современи сообраќајни решенија за движење на граѓаните и на јавниот транспорт. На крајот на мојот мандат сето тоа ќе биде завршено и ќе можеме да зборуваме за едно сосема поинакво Скопје. Паралелно со сообраќајот ќе го промовирами и актуелизираме системот на алтернативен транспорт“, посочи Шилегов.

Извор: А1он